Американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај остана стабилен во саботата по прекинот на работата низ целата земја, но се очекува откажување на уште илјадници летови додека авиокомпаниите работат на повторно воспоставување на редовниот авиосообраќај, изјави администраторот на Федералната управа за авијација (FAA), Брајан Бедфорд.
„Утрово системот и понатаму е стабилен, а нашите партнерски авиокомпании работат на нормализирање на оперативното функционирање“, изјави Бедфорд пред новинарите на заедничката прес-конференција со министерот за транспорт Шон Дафи.
Бедфорд рече дека се очекува авиокомпаниите во сабота да откажат меѓу 4.000 и 5.000 од приближно 41.000 планирани летови, додека се обидуваат да ги прераспределат авионите и екипажите погодени од прекинот на летовите низ целата земја во петокот.
Тој наведе дека авиокомпаниите очекуваат целосно да ги обноват редовните летови до крајот на работниот ден во недела.
„Навистина мислам дека најлошото е зад нас, но заедно со нашите партнери од воздухопловната индустрија сè уште имаме значителна работа за нормализирање на состојбата“, рече тој.
Бедфорд истакна дека во петокот не биле реализирани приближно 12.000 летови, меѓу кои 9.000 комерцијални и 3.000 летови од општата авијација.
Дафи изјави дека се чини оти прекинот е поврзан со редовното одржување што го вршела компанијата L3Harris, изведувач на работите за FAA, со цел замена на застарените бакарни телекомуникациски линии со оптички врски.
Тој додаде дека надлежните истражуваат дали дефектот бил предизвикан од грешка на изведувачот или од неисправна опрема, нагласувајќи дека не веруваат оти станува збор за сајбер-напад.






















