| Macedonian
ВОЈНА ВО ГАЗА
3 мин читање
Израел фрла експлозив спакуван во кутии врз објекти во Газа
Оваа тактика е дополнување на методите што израелските сили ги користат за уништување палестински објекти, меѓу кои се интензивните воздушни бомбардирања, артилерискиот оган, поставувањето експлозив во или околу зградите и употреба на булдожери
Израел фрла експлозив спакуван во кутии врз објекти во Газа
Според Министерството за здравство во Газа, до понеделникот, во израелските прекршувања на договорот убиени се 1.650 Палестинци / АА

Израелските сили користат дронови со четири пропелери за фрлање кутии наполнети со експлозив врз или покрај палестинските куќи во Газа, сведочат жители и очевидци.

Експлозивите се активираат од далечина, при што се уништуваат зградите и се предизвикува материјална штета.

Жителите ја забележуваат оваа тактика околу една недела во областите во близина на израелските воени позиции.

Експлозиите шират страв меѓу семејствата во околината, принудувајќи дел од нив да ги напуштат домовите.

Очевидци пријавиле дека кутии со неколку килограми експлозив се фрлаат врз куќите и други објекти.

На видеоснимките се гледа како израелските дронови фрлаат кутии со експлозив врз покривите на зградите.

За вакви операции е известено источно од населбите Зејтун и Туфа во градот Газа, како и во источниот дел на Деир ал-Балах и бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Газа.

Локални извори соопштија дека десетици Палестинци во петокот ја напуштиле населбата Зејтун, стравувајќи дека нивните домови би можеле да бидат следната цел.

Уривањето објекти продолжило и во понеделникот, кога според извори, дронови фрлале кутии со експлозив во близина на мостот Вади Газа на улицата Салах ал-Дин, како и северно од бегалските кампови Буреиџ и Нусеират.

Биле пријавени најмалку седум вакви операции, кои предизвикале силни експлозии и големи разурнувања.

На 10 ноември, израелските сили ја употребиле истата тактика за уривање две куќи што претходно биле евакуирани, источно од бегалскиот камп Магази, изјавија локални извори за Анадолу.

Уште четири слични уривања биле пријавени во околината на болницата „Дар ал-Салам“ во североисточниот дел на Кан Јунис, во јужна Газа.

Оваа тактика е дополнување на методите што израелските сили ги користат за уништување палестински објекти од почетокот на војната, меѓу кои се интензивните воздушни бомбардирања, артилерискиот оган, поставувањето експлозив во или околу зградите и употребата на воени булдожери.

Израелските сили користеле и стари воени возила наполнети со експлозив, кои ги испраќале меѓу зградите во близина на областите под контрола на Армијата. Експлозиите што следувале уништиле цели станбени блокови.

Уривањата продолжиле во областите под израелска контрола покрај таканаречената „Жолта линија“, и покрај прекинот на огнот што стапи во сила на 10 октомври 2025 година.

Според Министерството за здравство во Газа, до понеделникот, во израелските прекршувања на договорот убиени се 1.650 Палестинци, а 5.975 се повредени.

Од октомври 2023 година, во израелската војна врз Газа, која Палестинците ја опишуваат како геноцид, убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, а над 176.000 се повредени, повеќето од нив жени и деца.

Војната уништи и околу 90 проценти од инфраструктурата на територијата. ОН ги проценуваат трошоците за обнова на околу 71,4 милијарди долари.

За Палестинците раселени поради војната, продолженото уништување претставува закана и за домовите во кои инаку би можеле да се вратат.

Повеќе
Се урна српски МиГ-29, пилотот загинал
Дуран: Израел користи дезинформации за да ги прикрие масакрите во Газа
ЕУ: Платформите на социјалните медиуми не ги отстрануваат пријавените измами
Фидан: Туркије мора да преземе водечка улога во зајакнувањето на регионалната поврзаност
АСЕАН и Јапонија го одржаа 29-тиот самит во Манила, ветуваат посилна соработка
Форензички експерт вели дека смртта на Епстин е поверојатно убиство отколку самоубиство
Израел фрла експлозив спакуван во кутии врз објекти во Газа
Палестина бара одговорност од Израел за прегазени осум лица
Венс ветува дека Трамп нема да дозволи конфликтот со Иран да прерасне во уште една „вечна војна“
Рама: Колку побрзо Србија го признае Косово, толку подобро ќе биде за сите во регионот
Новото тричлено претседателство на БиХ ја презеде функцијата
Турскиот министер за надворешни работи учествува на министерски состанок во Брисел
Папата Лав XIV од Латинска Америка упати пораки за вера и правда
Трамп: Прашањето за шпионажа над Енвидија ќе го покренам со кинескиот лидер Ши
Од полноќ ново намалување на цените на бензините и дизелот