Русија е подготвена да го прими збогатениот ураниум од Иран
Од наша страна, ние ќе го решиме секое прашање технолошки во духот на партнерство со иранските нуклеарни научници и иранскиот народ, рече генералниот директор на руската корпорација Росатом, Алексеј Лихачев
Русија е подготвена да прими збогатен ураниум од Иран доколку Техеран постигне договор со Соединетите Американски Држави, изјави денес генералниот директор на руската корпорација Росатом, Алексеј Лихачев.
„Подготвени сме да ја спроведеме оваа работа. Нејзините параметри ќе ги спроведе иранското раководство и, земајќи ги предвид сите преговори, уверен сум дека ќе се донесе одлука за судбината на збогатениот ураниум во Иран. Од наша страна, ние ќе го решиме секое прашање технолошки во духот на партнерство со иранските нуклеарни научници и иранскиот народ“, рече Лихачев, пренесува руски Интерфакс.
Тој исто така нагласи дека Росатом ги следи настаните во Иран и е подготвен за секаков развој на ситуацијата.
„Ги следиме настаните со загриженост, ги читаме прогнозите. Можам да кажам дека правиме сè за да бидеме подготвени, без разлика колку се тешки“, додаде Лихачев.
Тој истакна дека руската делегација неодамна ја посети нуклеарната централа Бушер во Иран.
„Развивме соодветни планови за демобилизација, кои зависат од нивото и ширината на можна ескалација“, истакна Лихачев.
Лихачев нагласи дека Бушер останува приоритет за Росат, кој ќе направи сè за да го оствари проектот, иако се соочува со бројни предизвици.
Како што претходно беше објавено, за време на преговорите со САД, Иран наводно предложил да се запре збогатувањето на ураниум и да предаде дел од своите резерви на Русија, а Кремљ потсети дека Русија веќе понудила да прифати збогатен ураниум од Иран.