Локални избори во Косово: Самоопределување и ЛДК освоија по седум општини, Српска листа десет

Демократскиот сојуз на Косово победи во општините Приштина, Пеќ, Драгаш, Витина и Јуник, Движењето Самоопределување Јужна Митровица, Косово Поле, Гњилане и Обилиќ, додека Алијансата за иднината на Косово победи во Ѓаковица, Сухарека, Клина и Ораховац

By
Српската листа освои гласови во десет општини со мнозинско српско население / AP

Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) освоија најмногу гласови во по седум општини, Демократската партија на Косово во шест, Алијансата за иднината на Косово во пет, додека Српската листа освои најмногу гласови во десет општини на локалните избори во Косово.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово во недела вечерта ги објави прелиминарните резултати од вториот круг избори одржани во 38 општини.

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) победи во општините Приштина, Пеќ, Драгаш, Витина и Јуник, Движењето Самоопределување Јужна Митровица, Косово Поле, Гњилане и Обилиќ, додека Алијансата за иднината на Косово победи во Ѓаковица, Сухарека, Клина и Ораховац. Демократската партија на Косово победи во Призрен, Вуштри и Качаник, додека Српската листа победи во Клокот.

Резултатите не ги вклучуваат поштенските гласови и гласовите од лицата со попреченост и пречки во развојот.

Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќ, изјави дека гласовите од дијаспората се очекуваат на почетокот на следната недела.

Во првиот круг од изборите на 12 октомври, Српската листа ги освои општините Лепосавиќ, Ново Брдо, Штрпце, Зубин Поток, Звечан, Грачаница, Ранилуг, Партеш и Северна Митровица. Движење Самоопределување: Каменица, Подуево и Штимела. Демократска партија на Косово: Скендерај, Феризај, Хани Елезит. Демократски сојуз на Косово: Исток и Липјан. Алијанса за иднината на Косово: Дечани. НИСМА: Малишева. Во Глоговац победи иницијативата на Рамиз Ладровци.