Белгија по вистинска драма и голем пресврт обезбеди пласман во четвртфиналето на Светското првенство, откако по продолженија го совлада Сенегал со 3:2.
По регуларните 90 минути резултатот беше 2:2, а победникот беше решен дури во 125. минута.
Сенегал беше на чекор до историски успех, бидејќи до 86. минута имаше сигурно водство од 2:0, но Белгијците успеаја да се вратат од работ на елиминацијата.
Ромелу Лукаку најпрво намали, а Јури Тилеманс во 89. минута израмни и го одведе натпреварот во продолженија.
Во следната рунда Белгија ќе игра против Соединетите Американски Држави, кои со 2:0 ја победија Босна и Херцеговина.
Сенегал беше подобар ривал во првото полувреме. По неколку предупредувања, африканската селекција поведе во 23. минута кога по ударот на Исмаила Сар во стативата, Хабиб Дијара најдобро се снајде и ја испрати топката во мрежата за 1:0.
На почетокот на второто полувреме следуваше уште еден шок за Белгија. Нијакате испрати фантастично долго додавање, а Исмаила Сар избега на белгиската одбрана и во 51. минута зголеми на 2:0.
Кога изгледаше дека Сенегал сигурно чекори кон победата, Белгија се разбуди во самиот финиш. Лукаку во 86. минута намали на 2:1, а само три минути подоцна Тилеманс по грешка на сенегалскиот голман со удар со глава ја искористи новата асистенција на Леандро Тросар и израмни на 2:2.
Во продолженијата двете репрезентации имаа свои можности. Лукаку пропушти одлична шанса во 101. минута, додека резервистот Мбаје не успеа да ја искористи најдобрата прилика за Сенегал.
Белгија беше блиску до победата и во 116. минута, кога Лукебакио ја погоди гредата, но драмата не заврши тука.
Во самиот финиш, по интервенција на ВАР, судијата Саид Мартинез досуди пенал за Белгија по старт врз Тилеманс.
Истиот фудбалер, капитенот на Белгија, ја презеде одговорноста и сигурно реализираше од пенал и ѝ донесе на Белгија голем триумф.







