Со учество на турски доктор во Скопје извршена прва операција на дете со редок Спренгелов деформитет

На одделот ТОАРИЛУЦ на Универзитетската клиника во Скопје, за првпат во Северна Македонија во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Турција е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет

By
Со учество на турски доктор во Скопје извршена прва операција на дете со редок Спренгелов деформитет / AA

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, за првпат во Северна Македонија во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Туркије е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity).

Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнењето на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.

„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.

Министерот за здравство, Азир Алиу истакна:

„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото.

Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента).

Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.