Министерството за надворешни работи на Иран денес го осуди запленувањето на товарен брод од страна на американските сили, кој наводно се обидел да ја избегне блокадата на иранските пристаништа, јавува Анадолу.
„Министерството за надворешни работи на Исламската Република Иран остро го осудува незаконското и насилно дејствување на американската 'терористичка армија' во нападот врз иранскиот комерцијален брод 'Тоуска', што се случи во неделата“, се вели во соопштението на Министерството.
Нарекувајќи го инцидентот „форма на поморско пиратство и терористички чин“, во соопштението се вели дека прекршено е меѓународното право, како и двонеделниот прекин на огнот со САД што започна на 7 април.
Побарано е пуштање на бродот кој плови под иранско знаме, како и на неговиот екипаж и нивните семејства.
„Без сомнение, Исламската Република Иран ќе ги искористи сите свои капацитети за да ги брани своите национални интереси и безбедност и да ги заштити правата и достоинството на Иранците“, се додава во соопштението, тврдејќи дека одговорноста за „понатамошната ескалација“ ќе биде на САД.
Централната команда на САД (CENTCOM) во неделата објави дека американските поморски сили го заплениле товарниот брод „Тоуска“ кој пловел под иранско знаме во Оманскиот Залив, откако наводно одбил да ги почитува упатствата за блокада.
ЦЕНТКОМ вчера истакна дека американските сили им наложиле на 27 комерцијални бродови да се вратат во иранските пристаништа по почетокот на поморската блокада на иранските пристаништа на 13 април.


















