Кина ја потврди поддршката за системот предводен од ОН, наспроти „Одборот за мир“ на Трамп

Кина отсекогаш практикувала мултилатерализам и без разлика како се менува меѓународната ситуација Кина цврсто го поддржува меѓународниот систем центриран околу ОН и меѓународниот поредок заснован врз меѓународното право, рекоа од кинеското МНР

By
Трамп покани голем број странски лидери и неколку држави да се вклучат во Одборот, меѓу кои Русија и Кина / Reuters

Кина денес се спротивстави на идејата дека таканаречениот „Одбор за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ги замени Обединетите нации, нагласувајќи ја централната улога на светската организација во меѓународните односи.

„Што се однесува до ОН, Кина отсекогаш практикувала вистински мултилатерализам. Без разлика како се менува меѓународната ситуација, Кина цврсто го поддржува меѓународниот систем центриран околу ОН, меѓународниот поредок заснован врз меѓународното право и основните норми на меѓународните односи поткрепени со целите и принципите на Повелбата на ОН“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, за новинарите во Пекинг.

Гуо одговараше на прашања поврзани со изјавата на Трамп дека ОН треба да продолжат да постојат, но дека „Одборот за мир“ би можел да ја замени светската организација, пренесе дневниот весник со седиште во Пекинг, „Глобал тајмс“.

Минатиот петок Белата куќа го најави формирањето на одборот, кој треба да „игра суштинска улога во исполнувањето“ на 20 точки од планот на Трамп за трајно завршување на израелската војна во Газа и обнова на енклавата, како и за „обезбедување стратегиски надзор, мобилизирање меѓународни ресурси и обезбедување одговорност додека Газа преминува од конфликт кон мир и развој“.

„ОН едноставно не беа многу корисни. Јас сум голем обожавател на потенцијалот на ОН, но тие никогаш не го исполниле својот потенцијал“, изјави Трамп вчера пред новинарите на брифинг во Белата куќа, одговарајќи на прашање дали сака неговиот „Одбор за мир“ да ги замени ОН.

„Мислам дека треба да им се дозволи на ОН да продолжат бидејќи потенцијалот е огромен“, додаде тој.

На прашањето дали сака неговиот „Одбор за мир“ да ги замени ОН, Трамп одговори: „Па, можеби.“

Трамп изјави дека ОН требало да ги решат сите војни што тој ги решил.

Американскиот претседател им припиша заслуги на напорите на својата администрација во изминатата година за запирање на судирите меѓу земји како Тајланд, Камбоџа, Индија, Пакистан, како и во делови од Африка.

Во рамките на „Одборот за мир“, исто така, САД го формираа Националниот комитет за администрација на Газа за спроведување на втората фаза од Сеопфатниот план на Трамп за завршување на конфликтот во Газа, како и Основен извршен одбор и Извршен одбор за Газа за поддршка на транзициската рамка.

Трамп покани голем број странски лидери и неколку држави да се вклучат во Одборот, меѓу кои Русија и Кина.