Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го потпиша актот за одржување на локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес го потпишав актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство. Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“, соопшти Гаши.
Спикерот ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.
„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет. Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“, рече Гаши.
Претходно, пред десет дена премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе именува повереници до изборот на нови во оние места каде не беа избрани градоначалници на локалните избори, но, истакна дека за персонални имиња сѐ уште не се водени разговори со коалициските партнери.



















