Кина ги обвини САД за „намерно дестабилизирање“ на Јужнокинеско Море

Кина и Филипините во неделата се обвинија меѓусебно за провокација по уште еден поморски судир во спорното Јужнокинеско Море

Кина ги обвини САД за „намерно дестабилизирање“ на Јужнокинеско Море / AP

Кина ги обвини САД за „намерно дестабилизирање“ на Јужното Кинеско Море, откако Вашингтон изрази поддршка за Филипините поради неодамнешната поморска конфронтација.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека е на страната на својот сојузник „додека се соочува со опасните дејствија на Кина, кои ја поткопуваат регионалната стабилност“, осудувајќи го она што го опиша како првокативен чин од страна на Пекинг врз филипински брод.

Портпаролот на Министерството, Томи Пигот, изјави дека Вашингтон „повторно потврдува дека членот 4 од Договорот за заемна одбрана меѓу САД и Филипините од 1951 година се протега на вооружени напади врз филипинските вооружени сили, јавни бродови или авиони насекаде во Јужното Кинеско Море“.

Одговарајќи на забелешките, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, рече дека „фактите и доказите“ покажуваат дека „Филипините се тие што презеле прекршоци и провокативни активности“.

Лин го обвини Вашингтон за „оцрнување и обвинување на Кина за легитимните и законски мерки што ги презеде за да го одбрани својот суверенитет“, додавајќи дека САД „се обидуваат да се заканат со договорот за меѓусебна одбрана меѓу САД и Филипините“.

„Ваквите потези уште еднаш ја разоткриваат лошата намера на САД за намерно поттикнување конфронтација и дестабилизација на Јужното Кинеско Море и служат како уште еден пример дека САД се најголемиот извор на ризици што ја поткопуваат регионалната стабилност“, рече тој.

Кина и Филипините во неделата се обвинија меѓусебно за провокација по уште еден поморски судир во спорното Јужнокинеско Море.

Пекинг соопшти дека нејзината крајбрежна стража протерала два филипински брода кои нелегално влегле во водите во близина на Тиексиан Џиао, дел од она што Кина го нарекува Нанша Кундао (Острови Спратли).

Манила го отфрли тоа тврдење, нарекувајќи ја акцијата на Кина „уште еден чин на агресија“.

Според Филипинската крајбрежна стража, кинески брод испалил воден топ и удрил во филипински брод закотвен кај островот Паг-аса за да им помогне на локалните рибари. Инцидентот предизвикал помала материјална штета, но немало повредени.

Кина и Филипините имаат преклопувачки територијални претензии во Јужното Кинеско Море, кое е еден од најпрометните трговски патишта во светот, со трилиони долари годишна трговија.