| Macedonian
ПОЛИТИКА
3 мин читање
САД, Русија и Кина се судрија во Советот за безбедност на ОН околу нуклеарната програма на Иран
Вашингтон ги обвинува Москва и Пекинг дека го штитат Техеран, додека поделбите во Советот за безбедност на ОН се продлабочуваат околу нуклеарната програма на Иран и спроведувањето на санкциите
САД, Русија и Кина се судрија во Советот за безбедност на ОН околу нуклеарната програма на Иран
Амбасадорот на Иран во ОН изјави дека Техеран нема да признае никаков обид за повторно воведување санкции / Reuters

Соединетите Американски Држави и нeјзините сојузници се судрија со Русија и Кина во Обединетите нации околу нуклеарните намери на Иран, додека Вашингтон се обидува дополнително да ја оправда војната што ја започна против Иран пред две недели.

На состанокот на 15-члениот Совет за безбедност на ОН, со кој овој месец претседаваат САД, Русија и Кина неуспешно се обидоа да ја блокираат дискусијата за комитет формиран за надгледување и спроведување на санкциите на ОН врз Иран.

Обидот беше отфрлен со гласање од 11:2 и двајца воздржани.

Обраќајќи се пред советот, американскиот претставник во Обединетите нации, Мајк Валц, ги обвини Москва и Пекинг дека се обидуваат да го заштитат Техеран со попречување на работата на таканаречениот Комитет 1737.

„Сите земји-членки на Обединетите нации треба да спроведат ембарго за оружје против Иран, забранувајќи го трансферот и трговијата со ракетна технологија и замрзнувајќи ги релевантните финансиски средства“, рече Валц.

„Одредбите на ОН што треба повторно да се воведат не се произволни, туку се со тесен опсег за да се справат со заканата што ја претставуваат нуклеарните, ракетните и конвенционалните програми за оружје на Иран и континуираната поддршка на Иран за тероризмот.“

Валц рече дека Русија и Кина се спротивставуваат на функционалниот комитет за санкции „затоа што сакаат да го заштитат својот партнер, Иран, и да продолжат да ја одржуваат одбранбената соработка што сега е повторно забранета“.

Тој исто така рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН неодамна повторила дека Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што произведувала и акумулирала ураниум збогатен до 60 проценти и одбила да ѝ обезбеди на агенцијата пристап до залихите.

Контраобвинувања

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, ги отфрли тврдењата, обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за поттикнување на она што го опиша како хистерија околу нуклеарните амбиции на Иран.

„Ова беше направено со цел да се преземе уште еден воен потфат против Техеран и да се обезбеди голема ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток и пошироко“, рече тој.

Кинескиот претставник во ОН, Фу Конг, слично го критикуваше Вашингтон, нарекувајќи ги САД „поттикнувач“ на иранската нуклеарна криза.

Тој рече дека САД прибегнале кон „бесрамна употреба на сила против Иран за време на преговарачкиот процес“, што, според него, ги поткопало дипломатските напори.

Амбасадорот на Иран во ОН, Амир Саид Иравани, подоцна им изјави на новинарите дека нуклеарната програма на Техеран „отсекогаш била исклучиво мирољубива“ и дека Иран нема да признае никаков обид за повторно воведување санкции.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја наведува нуклеарната програма на Иран како оправдување за војната.

Тој претходно овој месец изјави дека Иран ќе добиел нуклеарно оружје во рок од две недели доколку САД не ги нападнеле трите клучни нуклеарни постројки во јуни, иако изворите велат дека тврдењето не е поткрепено со проценките на американските разузнавачки служби.

Велика Британија и Франција му рекоа на Советот за безбедност дека повторното воведување санкции врз Иран е оправдано со неуспехот на Техеран да одговори на меѓународните загрижености за неговите нуклеарни активности.

Повеќе
Трамп: Ќе го продолжам примирјето сè додека Иран не го поднесе предлогот и не се завршат преговорите
Одлуката на Техеран да не присуствува на состанокот во Исламабад во среда е конечна
ИРГК: Ќе го запреме производството на нафта во Заливот ако Иран биде нападнат од тие територии
Туркије ги отфрла грчките поморски карти поради кршење на меѓународното право
Владата ги ограничи маржите на ѓубривата заради стабилизација на цените
Еве како Израел го уништува секој преостанат привид на безбедност во Газа
Трамп: Без договор со Иран, ќе продолжиме со бомбардирањето, нема да го продолжам примирјето
Муцунски ко-претседаваше со Регионалниот форум за одржлив развој за UNECE регионот во Женева
НАСА ќе соработува во истрагата за смртта и исчезнувањето на американски научници
Турската бродоградбена индустрија учествува на изложбата „Море- Воздух -Вселена 2026“ во САД
Белгија започнува четиригодишен план за зајакнување на подготвеноста на граѓаните за вонредни состојби
Туркије го поздравува „историското“ назначување на туркменски гувернер во ирачкиот Киркук
Медиуми: Потпретседателот на САД се упатува кон Исламабад на разговори за Иран
Средба Минчев-Буноза во Будва: Во фокусот продлабочување на соработката
Иран ја осуди заплената на товарен брод во Оманскиот Залив од САД