Од љубов до спој на две култури: Од Јордан до Скопје
КУЛТУРА
3 мин читање
Од љубов до спој на две култури: Од Јордан до СкопјеЗа двајцата браќа, животот на Балканот не претставува културен шок, туку природно продолжение на она што го познаваат.
Од љубов до спој на две дултури: Од Јордан до Скопје / TRT Balkan MK

Во Скопје, една јорданска приказна се раскажува преку вкусови, но и преку лични избори, преселби и нови почетоци. Во разговор со ТРТ Балкан, браќата Салах и Дафи Џарадат ја споделуваат својата приказна за тоа како оваа држава станала нивен дом, како ги направиле првите чекори тука и како од идеја се родил нивниот мал бизнис.

Салах Џарадат во Скопје пристигнал пред пет години, првично поради деловна можност- извоз на јаболка во Јордан. Но, животот брзо добил поинаков тек.

 „Во тој период ја запознав мојата сегашна сопруга. Бевме во врска на далечина, а потоа решивме да се венчаме и јас се преселив тука,“ вели Салах.

Со доаѓањето, се соочил со нов јазик и нова средина, но чувството на припадност дошло неочекувано брзо.

„На почетокот мислев дека културата е многу различна, но кога ги запознав луѓето, сфатив дека сме исти: иста храна, исти навики, исти прослави. Повеќе се чувствував како дома, отколку како во странство,“ раскажува тој .

Еден едноставен настан му оставил силен впечаток и, како што вели, ја променил неговата перцепција за земјата.

„Паднав од велосипед, а за една минута четворица луѓе дојдоа да ми помогнат. Тогаш почувствував дека не сум далеку од дома, туку дека сум дома,“ додава Салах.

Неговиот брат Дафи Џарадат првпат го посетил Скопје во септември 2024 година. Впечатокот бил доволно силен за да донесе одлука за преселба.
„Бев воодушевен од Македонија, од луѓето, од храната. Ме потсети на дома- начинот на кој луѓето седат, споделуваат храна, разговараат,“ вели Дафи.

Како гурман, брзо забележал и простор за нешто ново.
„Откако пробав многу работи, сфатив дека нешто недостасува во делот на сендвичите. Така решивме да започнеме со ‘Снак’,“ објаснува Дафи .

Почетоците, сепак, не биле едноставни.

„Имавме проблем со зачините и состојките – некои сè уште не можеме да ги најдеме. Но, со време изградивме партнерства со добавувачи и тоа ни помогна да се стабилизираме,“ додава тој .

И покрај предизвиците, нивната идеја постепено го наоѓа своето место кај скопјани. Салах вели дека интересот за нови вкусови е очигледен, особено кај помладите.

„Ме изненади што децата знаат што е шаурма, иако никогаш не ја пробале. Социјалните мрежи ги отвораат луѓето кон нови кујни. А кога конечно ќе ја пробаат, им се допаѓа,“ раскажува тој .

Во нивниот мал простор, велат, не се нуди само храна, туку и искуство.

„Луѓето доаѓаат сериозни, а си заминуваат со насмевка. Тоа е најважно,“ вели Дафи, додавајќи дека често посетителите се обидуваат да научат и некој арапски збор, како „шукран“.

За двајцата браќа, животот на Балканот не претставува културен шок, туку природно продолжение на она што го познаваат.

„Балканот е друг облик на Арапите. Се чувствувам како дома, без бариери,“ заклучува Дафи .

Нивната приказна е уште еден пример како личните патишта, случајностите и малите одлуки можат да доведат до нови почетоци- понекогаш токму таму каде што најмалку се очекува. А понекогаш, како што на сите им е добро познато, најлесниот начин да се разбере една култура е да се вкуси.

Повеќе
Фидан разговараше за Кипар, Сирија и регионални прашања со генералниот секретар на ОН, Гутереш
Полицијата во Палма де Мајорка со гумени куршуми ги растури протестите против масовниот туризам
Израел одобри влез на меѓународни сили во Газа
Летонија планира да ги отстрани сообраќајните знаци што покажуваат кон Русија и Белорусија
Претседателот на Колумбија објави прекин на дипломатските односи со Куба и Никарагва
Нетанјаху денеска патува за САД, утре ќе се сретне со Трамп
Започна гласањето во првата фаза од изборите во Кашмир, управуван од Пакистан
Во мај 96,5 отсто од потрошената струја од домашно производство
Зеленски: Украина стана посилна за време на војната но не доволно за да го запре Путин
Сомнителна бомба пронајдена во близина на Сенатот на Филипините пред обраќањето на претседателот
Три лица убиени, петмина ранети во пукање на Фестивалот на храната во Сиетл
Северна Кореја го отфрли повикот на АСЕАН за денуклеаризација нарекувајќи го „глупав обид“
Си и Лула за соработката во БРИКС и Глобалниот Југ
Иран: Шест брода се обиделе да поминат низ „нелегална и небезбедна“ маршута низ Ормускиот теснец
Започна Младинската работна акција „Нови Пазар 2026“