Претседателите на Кина, Русија и САД утре ќе разговараат за „прашања поврзани со глобалниот мир“, соопшти Пекинг денеска во пресрет на нивната средба на која домаќин ќе биде Си Џинпинг. Тој ќе ги пречека Доналд Трамп и Владимир Путин на трилатерален самит – прв од ваков вид, во Шенжен.
Шефовите на држави на Кина, Русија и САД „ќе разменат мислења за важни прашања поврзани со глобалниот мир за време на претстојниот самит“, изјави за новинарите во Пекинг портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
Тројцата лидери ќе одржат средба на маргините на 33-тиот самит на форумот за Азиско-пацифичка економска соработка (APEC), кој започна денеска, со состанок на деловни лидери.
Самитот се одржува во време кога продолжува војната на САД со Иран, која трае од февруари оваа година, додека Трамп најавува можно завршување на руско-украинската војна, која започна во 2022 година.
Останува да се види дали лидерите ќе разговараат за израелските напади врз палестинската крајбрежна енклава Газа и за решението со две држави.
Американскиот претседател изјави дека со своите кинески и руски колеги ќе разговара за „денуклеаризација“.
Трамп исто така рече дека „можеби“ ќе се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата азиска турнеја, иако Пјонгјанг не потврдил никаков договор за таква средба.
Американскиот лидер ја започна својата дводневна посета на Кина денеска, откако претходно беше во државна посета на Филипините. Таму тој присуствуваше на самитот на групата „Квад“ (Quad) – која ги обединува лидерите на Јапонија, Индија и Австралија – и се сретна со лидерите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија, која брои 11 земји-членки.
Путин им порача на деловните лидери во рамките на APEC дека економската „принуда“ е „минато“, притоа нагласувајќи ја важноста на суверенитетот при носењето национални одлуки и изборот на модели за развој.






















