| Macedonian
Македонските граѓани лани потрошиле 427,8 милиони евра преку онлајн-трансакции
Македонските граѓани со своите платежни картички во странство потрошиле 427,8 милиони евра на онлајн-трансакции и направиле 12,4 милиони трансакции купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авиобилети и резервации на хотели)
Македонските граѓани лани потрошиле 427,8 милиони евра преку онлајн-трансакции
Раст на онлајн трансакциите од 30% во првите девет месеци од 2025 година / AA

Македонските граѓани со своите платежни картички во странство потрошиле 427,8 милиони евра на онлајн-трансакции и направиле 12,4 милиони трансакции купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авиобилети и резервации на хотели) - соопшти Асоцијацијата за е-трговија, која ги анализира објавените податоци од Народната банка за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот (географска поделба по земји) во 2025 година.

Во однос на 2024 година, македонските граѓани потрошиле 50 % повеќе во вредност, а бројот на е-трансакциите е зголемен за 69 %. Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11 % во однос на минатата година. Притоа 74 % од вредноста и 83 % од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар (грчка администрација) и Луксембург.

Граѓаните оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92,1 милиони евра, со пораст од 173 % во однос на минатата година, а во Холандија е остварена вредност од 62,4 милиони евра и пораст од 49 % во однос на минатата година.

Анализата покажува дека во Ирска е направен и најголем број или 4,8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, потоа 2,1 милиони во САД, а најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија, речиси 650 %, а во Кипар (грчка администрација) 263 %. Пад на бројот на е-трансакциите е забележан во Луксембург од речиси 50 % и во Обединетото Кралство од приближно 9 %.

Највисока просечна вредност на е-трансакција потрошувачите оствариле во Унгарија од 152,2 евра, иако помалку од лани за 2,1 %, а во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и таа изнесува 14,1 евра. Во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција во Германија од речиси 70 %, која минатата година беше највисока и изнесуваше 214,2 евра.

„Податоците покажуваат дека покрај силниот раст на прекуграничната е-трговија, се случува и значајна промена во структурата на вредноста и бројот на е-трансакции по земји. Оваа промена во голема мера е условена од начинот на кој глобалните дигитални платформи ги организираат своите деловни и платежни операции, односно каде се регистрирани нивните европски седишта или билинг-центри. Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании, како „Амазон“, „Гугл“, „Мета“ и Епл“, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од „Тему“, како и многубројни дигитални услуги, апликации и subscription-платформи. Веднаш потоа следува Холандија како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи, како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации“, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска-Станков.

Таа оценува дека и САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на некои од најголемите глобални платформи, како „Амазон“, „Ибеј“, „Нетфликс“ и други дигитални сервиси.

„Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн-малопродажба и големиот број е-трговци, кои директно продаваат на европските пазари. Од друга страна, растот кај земји како Кипар (грчка администрација) укажува на зголемената улога на финтек-компании и платежни процесори, односно на тоа дека сè поголем дел од трансакциите се процесираат преку меѓународни посредници. Истовремено, промените кај традиционални хабови како Луксембург укажуваат на прераспределба, а не на намалување на трансакциите, односно на диверзификација на корпоративните и платежните структури на глобалните компании. Овие трендови потврдуваат дека географската распределба на онлајн-купувањето сè повеќе ја следи структурата на глобалната дигитална економија, каде што земјата на евиденција на трансакцијата не мора да ја одразува реалната локација на производот или услугата. За македонските потрошувачи ова значи поголема достапност и избор, но истовремено и зголемен одлив на средства кон странски платформи - дополнува Ангеловска Станков.

Асоцијацијата за е-трговија најавува дека 9. регионална конференција за е-трговија ќе се одржи на 3 ноември 2026 година и ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Арагчи слета во Москва додека Иран турка по дипломатски пат на сите фронтови
Израел уби 14 лица во напади во јужен Либан, додека прекинот на огнот се распаѓа
Николоски: ЕУ ни помагаат за изградба на коридорите
Муцунски за нападот врз Трамп: Насилството нема место во демократските општества
Ердоган во телефонски разговор со Трамп пукањето во Вашингтон го нарече „грозоморен чин“
Трамп потврди дека полицаец е застрелан на вечерата на дописниците од Белата куќа
Каш нуди повеќе од бегство на море во Туркије
Како Белгија го разоткри тајниот британски канал за снабдување на Израел со оружје
САД со сè помалку воени залихи: Колку е сериозен проблемот?
ЕУ поделена околу суспендирањето на договорот со Израел: кој е на која страна?
Зошто Израел е сè уште надвор од преговарачката маса во преговорите со Иран?
Доктори од „8 Септември“ и Клиниката за дерматологија меѓу уапсените за шверц на ботокс
Фидан: Забелешките на Урсула фон дер Лајен за Туркије се „несреќни“
Двајца Срби обвинети за убиство на полицаец во косовското село Бањска осудени на доживотен затвор
Како Туркије изгради самостојност за керозин за да избегне глобална криза во време на војна