Две лица се убиени, а шест се повредени во пукотницата што се случи во понеделник во општинската зграда во градот Хрипска, на север од Чешка, соопшти полицијата.
Напаѓачот е меѓу загинатите, додека најмалку една жена е тешко повредена, соопшти полицијата во објава на социјалната мрежа X, додавајќи дека „зградата на градското собрание сега е безбедна“.
Инцидентот се случил околу 10:30 часот по локално време. Областа на плоштадот околу градското собрание е затворена, а сообраќајот е пренасочен.
Според сведоци, градоначалникот Јан Махач е меѓу повредените, а како што објави порталот иДНЕС.цз, убиецот бил домар во градската администрација, кој наводно имал маска на лицето кога стигнал на местото на настанот.
Граѓаните кои се нашле во близина на зградата по настанот, за чешкиот портал изјавиле дека сторителот бил жител зависен од психоактивни супстанции, кој нелегално поседувал неколку оружја.
„Рече дека еден ден ќе ја реши Хрипска“, рекла една мештанка.
Според локалните медиуми, и мајката на напаѓачот работела во градската администрација, а скокнала од прозорец на зградата за време на нападот на нејзиниот син.
На местото на настанот се испратени психолози и пиротехничар, заедно со ангажирање на специјално куче за откривање експлозиви.
Полицијата изјави дека тоа е стандардна процедура и дека нема информации за постоење на експлозивна направа.
Чешкиот министер за внатрешни работи Љубомир Метнар е на местото на пукотницата, а во објава на X изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, исто така изрази сочувство до семејствата на жртвите, опишувајќи го настанот како трагичен, додека полицијата ги повика граѓаните да ја избегнуваат зоната за интервенција за да им се овозможи на службите за итни случаи непречено да поминат.













