Осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, пред неговата смрт во затворската ќелија на Менхетен во 2019 година, изградил мрежа од врски со елитата низ Африка.
Според наводите на „Мајами хералд“, Епстин се обидувал да се стекне со пари, моќ и жени низ целиот континент.
Кога Сенегал започна истрага за корупција против синот на поранешниот претседател Абдулаје Ваде, Епстин му пружил поддршка отстапувајќи му ја својата вила во Палм Бич и обезбедувајќи му огромни суми за правни трошоци, па дури и ангажирал водечка фирма за лобирање кај американските власти за негово ослободување, наведува весникот.
„Многу ми е мило што се врати“, му напишал Епстин на Карим Ваде, синот на Абдулаје Ваде, набргу откако тој беше ослободен од затвор.
„Можеме да се слушнеме на Скајп кога сакаш, можеме да споделуваме приказни од затворот“, објави весникот.
Тој, исто така, воспоставил врски со либискиот лидер Моамер Гадафи во 2010 година, а потоа се префрлил кон личности од опозицијата како што слабеела моќта на Гадафи.
На состанок во неговата вила во Палм Бич во 2018 година, Епстин му давал совети на бизнисмен со потекло од Нигерија, кој се обидувал да склучи договор во рударскиот сектор погоден од американските санкции, сугерирајќи му:
„Доколку одржите состанок со соодветниот оддел во Министерството за финансии, сигурен сум дека можете да најдете начин да го избегнете тоа (санкциите)“.
Во најмалку два наврати, Епстин барал жени кои би можеле да му бидат испратени, по можност помлади и со бела боја на кожата.
„Претпочитам под 25 години“, напишал тој во електронска пошта до една жена, до која дошол преку манекенката што ја познавал во Њујорк, Нина Кеита, инаку внука на претседателот на Брегот на Слоновата Коска, Аласан Уатара.
Во друга електронска пошта испратена до европскиот агент за модели Даниел Сиад, кој имал контакти во Јужноафриканската Република, Епстин експлицитно изјавил дека е подготвен да ги покрие патните трошоци на жените за да му бидат донесени, но „не и на онаа со потемен тен“.
Врските на Епстин со Карим Ваде започнале во 2010 година и вклучувале запознавање со глобални финансиери и гостопримство на неговите имоти.
Откако Карим Ваде беше обвинет за стекнување со 1,4 милијарди долари и затворен, Епстин му понудил поддршка, пишувајќи: „Вие и вашето семејство сте добредојдени да ја користите мојата куќа во Палм Бич, нема да страдате“.
Тој ги финансирал правните процеси, вклучително и лобирањето преку американска адвокатска фирма, и во 2016 година напишал: „Го сакам мојот пријател назад“.
Карим беше помилуван подоцна истата година, откако отслужи три години затворска казна.










