Косовскиот премиер Албин Курти денеска повика новата влада на Србија да ја признае независноста на Косово и да го екстрадира Милан Радоичиќ, кого го идентификуваше како главен организатор на нападот во Бањска во 2023 година.
Обраќајќи се пред студентите на Париската школа за меѓународни односи (ПСИА), Курти рече дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина мора да вклучува одговорност за нападот во Бањска, како и откажување на Србија од својата кампања против меѓународно признавање на Косово.
„Овој процес мора да вклучува одговорност за терористичкиот напад во Бањска, почнувајќи со екстрадиција на Милан Радоичиќ, неговиот главен организатор, за да може да се соочи со правдата“, рече Курти.
Тој нагласи дека новата влада на Србија треба да ја признае, како што наведе, реалноста дека Косово е независна држава признаена од повеќе од 120 земји.
Курти, исто така, предупреди на безбедносните закани што ги претставуваат блиските врски на Србија со Русија. Тој изјави дека Србија одржува 48 воени и жандармериски бази по границата со Косово и дека Русија воспоставила таканаречен хуманитарен центар во Ниш.
Зборувајќи за нападот во Бањска во септември 2023 година, Курти рече дека негова цел е да го анектира северно Косово по моделот на Крим.
Тој додаде дека Косово ги зголемило трошоците за одбрана во последните четири години, кои надминале два проценти од бруто домашниот производ, и дека воените набавки се извршени од земјите-членки на НАТО.
Курти ги наведе членството во Европската Унија и НАТО, нормализацијата на односите со Србија и признавањето на независноста од државите кои сè уште не го сториле тоа како приоритети за Косово.
Зборувајќи за економскиот и социјалниот развој, тој изјави дека просечниот економски раст на Косово во последните пет години бил повеќе од четири проценти и ја нагласи важноста на образованието, јавното здравство, социјалните програми и дијаспората за развојот на земјата.
Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година, додека дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската Унија, започна во март 2011 година, првично на техничко ниво, а разговорите на високо политичко ниво беа започнати во октомври 2012 година.























