Војската на Соединетите Американски Држави направи одлучувачки чекор кон тоа да стане она што го нарекува „ Првенствено ВИ борбена сила“. Овој месец, Пентагон објави договори со осум од најмоќните технолошки компании во Америка за директно распоредување на вештачка интелигенција на своите најкласифицирани воени мрежи.
Договорот ги вклучува Гугл, Мајкрософт, ОпенАИ, СпејсX, Нвидиа, Амазон Веб Сервиси, Оракл и стартапот Рефлекшн( Reflection).
Договорите, потврдени од Министерството за одбрана, означуваат пресвртница во интеграцијата на вештачката интелигенција во модерното војување. Тие, исто така, откриваат продлабочување на поделбата околу тоа кој ја контролира технологијата, колку далеку може да оди и што се случува кога етиката и националната безбедност се судираат.
Еве пет работи што треба да ги знаете:
Што всушност потпиша Пентагон
Пентагон соопшти дека системите за вештачка интелигенција на осумте компании сега се одобрени за мрежи класифицирани на ниво на влијание 6, кое ракува со тајни податоци, и ниво на влијание 7, ознака што ги опфаќа најкласифицираните воени системи.
Според Асошиејтед Прес, технологијата ќе ѝ помогне на војската да го намали времето потребно за идентификување и погодување цели, а истовремено ќе помогне во одржувањето на оружјето и логистиката на синџирот на снабдување.
Пентагон соопшти дека воениот персонал веќе користи вештачка интелигенција преку својата официјална платформа ГенАИ.мил (GenAI.mil), со над 1,3 милиони корисници на Министерството за одбрана на системот. Соопштението го забрзува она што Пентагон го опишува како нејзин притисок за „изградба на архитектура што спречува заклучување на добавувачи на вештачка интелигенција со диверзификација на своите добавувачи на вештачка интелигенција низ модели со отворен код и сопственички модели“.
Накратко, американската војска не тестира вештачка интелигенција, туку ја распоредува, во голем обем, во некои од најчувствителните средини во светот.
Компанијата што рече „не“
Една голема компанија за вештачка интелигенција ја нема на листата: Антропик, која одби да се приклучи на договорот за вештачка интелигенција поради етички проблеми.
Прво, се спротивставува на користењето на својата вештачка интелигенција КлаудАИ за масовно домашно набљудување, тврдејќи дека следењето на движењата, навиките за прелистување и социјалните врски на Американците, управувано од вештачка интелигенција, е некомпатибилно со демократските вредности.
Второ, одбива да напојува целосно автономни оружја што целосно ги исклучува луѓето од донесување одлуки за целите, велејќи дека денешната вештачка интелигенција, едноставно, не е доволно сигурна за такви одлуки за живот или смрт.
По одбивањето на Антропик избувна спор, што доведе до тоа Пентагон последователно да ја означи како ризик во синџирот на снабдување, што е првпат таква етикета да се примени на американска компанија.
Антропик поднесе две одделни тужби против американската администрација, барајќи од федералните судии во Сан Франциско и Вашингтон да ја поништат наредбата. Федерален судија подоцна го блокираше потегот на администрацијата, нарекувајќи ја ознаката веројатно донесена под неточни изговори.
И покрај правната битка, се појавија знаци за можно решение. Шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс, се сретна со извршниот директор на Антропик, Дарио Амодеи, во Белата куќа, по што Трамп изјави дека договорот е „можен“, велејќи „тие се многу паметни и мислам дека можат да бидат од голема корист“.
Конфронтацијата Пентагон-Антропик се чини дека откри колку е кревка реториката на технолошкиот сектор околу „безбедната и етичка вештачка интелигенција“, поставувајќи го непријатното прашање дали етичките обврски на компаниите се вистински принципи или едноставно алатки за управување со репутацијата.
Што ќе прават компаниите?
Осумте компании го претставуваат целиот спектар на моќта на американската вештачка интелигенција. OпенAИ ги носи своите ЧетГПТ модели, веќе распоредени во некои средини на Пентагон од март. Гугл придонесува со своите Џемини модели, кои беа воведени на ГенАи.мил во април.
Мајкрософт и Амазон Веб Сервиси ја обезбедуваат 'рбетната инфраструктура во облак. Ндидиа ги испорачува своите Немотрон модели со отворен код, дизајнирани да им овозможат на агентите на вештачката интелигенција автономно да извршуваат задачи. СпејсX се квалификува како продавач на вештачка интелигенција по спојувањето со xAИ на Елон Маск, давајќи му пристап до семејството модели Грок.
Рефлекшн, единствениот новодојденец, е стартап поддржан од Нвидиа и управуван од поранешни истражувачи од Гугл ДипМајнд.
Пентагон соопшти дека алатките на компаниите ќе „ја поедностават синтезата на податоци, ќе го подобрат разбирањето на ситуацијата и ќе го зголемат донесувањето одлуки на војниците во сложени оперативни средини“.
Оракл беше додаден на листата неколку часа по првичното објавување, со што вкупниот број се искачи на осум.
Етички аларм: Кој надгледува?
Договорите предизвикаа непосредна тревога од групите за граѓански слободи и експертите за вештачка интелигенција. Прашањата за човечкиот надзор, транспарентноста и ризикот од распоредување на вештачка интелигенција во воени услови со висок ризик остануваат во голема мера нерешени.
Пентагон побара од давателите на вештачка интелигенција да се согласат дека нивните модели можат да се користат за „секоја законска употреба“, ефикасно спречувајќи ги компаниите да поставуваат свои ограничувања за тоа како војската ја распоредува својата технологија.
Меѓутоа, групите за граѓански слободи предупредија дека овој широк услов остава отворена врата за видот на автономно избирање на цели за напад и домашен масовен надзор што Антропик одби да го одобри.
Хелен Тонер, привремена извршна директорка во Центарот за безбедност и нови технологии на Универзитетот Џорџтаун, изјави за АП дека, иако вештачката интелигенција може да помогне во сумирањето на информациите и скенирањето на каналите за надзор, прашањата за човечката вклученост, ризикот и обуката сè уште се разработуваат.
Соопштението на Пентагон не ги прецизираше финансиските услови, не објасни детално како ќе се надгледуваат алатките за вештачка интелигенција, ниту пак разјасни кои заштитни мерки би спречиле злоупотреба на терен.
Нова трка во вооружување во ВИ војувањето
Потегот на Пентагон не постои во вакуум. Кина агресивно ги развива своите воени способности за вештачка интелигенција, а трката за доминација во војната за вештачка интелигенција сега цврсто се води меѓу двете светски суперсили.
Пентагон соопшти дека неговите растечки способности за вештачка интелигенција ќе „им ги дадат на војниците алатките што им се потребни за да дејствуваат со доверба и да ја заштитат нацијата од каква било закана“, при што војската веќе скратува многу задачи „од месеци на денови“.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека брзината и способноста доаѓаат со сериозни ризици, вклучувајќи ја опасноста од погрешна пресметка, неконтролирана ескалација и ерозија на човековата проценка во одлуките за живот или смрт.
Тужбата против Антропик, која сè уште се разгледува низ судовите, на крајот може да ги дефинира законските граници на вештачката интелигенција во војувањето. Засега, машините веќе се наоѓаат во најкласифицираните простории на Пентагон, а правилата за ангажман сè уште се пишуваат.
Извор: ТРТ Ворлд













