Научниците тврдат дека ДНК траги од Леонардо да Винчи може да се најдат на неговите уметнички дела
Истражувачите предупредуваат дека доказите се сè уште прелиминарни, но велат дека генетската анализа би можела да го промени начинот на кој се потврдува автентичноста на уметничките дела
Меѓународен тим научници вели дека можеби пронашле ДНК траги поврзани со Леонардо да Винчи на цртежи од ренесансата и историски семејни документи, што би можело да отвори нови можности за утврдување на автентичност на уметничките дела.
Наодите, објавени во вторник како претпечатено издание на биоРексив (bioRxiv) и објавени од списанието Наука (Science), се дел од проектот ДНК на Леонардо да Винчи (ЛДВП), глобална истражувачка иницијатива започната во 2014 година.
Користејќи неинвазивни техники на впивање, истражувачите собрале биолошки материјал од предметниот цртеж со црвена креда познат како Светото дете и од писма од 15. век напишани од машки роднина на семејството на Леонардо, според списанието Наука.
Генетичката анализа се фокусирала на Ипсилон (Y) хромозомот, кој се пренесува преку татковската линија. Научниците откриле дека ДНК-та пронајдена на цртежот и писмата припаѓаат на истата хаплогрупа, E1б1б, лоза која најчесто се поврзува со Тоскана, каде што Леонардо е роден во 1452 година.
Истражувачите нагласија дека наодите не докажуваат дека ДНК-та му припаѓала на самиот Леонардо.
„Утврдувањето на недвосмислен идентитет е исклучително сложено“, рече Давид Карамели, антрополог и специјалист за античка ДНК на Универзитетот во Фиренца и член на проектот.
Тој рече дека уметничкото дело можеби го работеле бројни поединци во текот на изминатите 500 години, од кои некои би можеле да ја делат истата генетска лоза.
Леонардо не оставил директни потомци, а неговото погребно место во Амбоаз, Франција, било нарушено на почетокот на 19 век, не оставајќи потврдени остатоци за директна генетска споредба.
За да се реши овој проблем, научниците ја секвенционираат ДНК-та на живи машки потомци на таткото на Леонардо и анализираат коски пронајдени во семејни гробници во Тоскана, објави списанието.
Студијата го истакнува растечкото поле на „артеомика“, кое ги испитува биолошките траги како што се ДНК и микробните потписи за да ја дополни традиционалната анализа на уметноста врз основа на стил, материјали и техника.
„Знаењето е сè уште важно“, рече Џеси Аусубел, научник за животна средина на Универзитетот Рокфелер, кој претходно водеше голем проект за каталогизација на морскиот биодиверзитет, додавајќи дека биолошките податоци на крајот би можеле да го надополнат експертското мислење.
„Добро е познато дека Леонардо ги користел прстите заедно со четките кога сликал“, рече Аусубел. „Значи, можеби е можно да се пронајдат епидермални клетки измешани со бојата.“
Проектот, исто така, одразува поширока промена во науката за наследство, според извештајот.
Биолошките траги долго време се сметаа за контаминација што треба да се отстрани, рече Аусубел, но работата околу ДНК. на Леонардо сугерира дека таков материјал може да послужи како доказ, додавајќи нова димензија на истражувањето на атрибуцијата и потенцијално нудејќи „увид, за прв пат, во живиот отпечаток на самиот Леонардо“.
Извор: АА