| Macedonian
ПОЛИТИКА
3 мин читање
Калас ги повика земјите на ЕУ да ѝ ги предадат на Украина ракетите за Патриот чиј рок е пред крај
Калас рече дека ЕУ контактира и со земји надвор од блокот за да обезбеди пресретнувачи за Украина, додека во соработка со Киев се работи на развој на европски пресретнувачи
Калас ги повика земјите на ЕУ да ѝ ги предадат на Украина ракетите за Патриот чиј рок е пред крај
Главното прашање е воздушната одбрана, порача Калас од Виклоу, Ирска, каде се одржува неформална средба на министрите за одбрана на ЕУ

Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Каја Калас, денес ги повика земјите чии противвоздушни пресретнувачи се пред истек на рокот да ѝ ги предадат на Украина, нагласувајќи дека на земјата ѝ недостигаат системи потребни за заштита на цивилите.

„Главното прашање е воздушната одбрана. Ним им недостигаат пресретнувачи“, рече Калас при пристигнувањето во Виклоу, Ирска, каде што се одржува неформална средба на министрите за одбрана на ЕУ.

„Знаеме дека некои од земјите имаат пресретнувачи на кои наскоро ќе им истече рокот. Затоа, би било многу добро тие да ѝ бидат дадени на Украина за да може да ги користи за заштита на својот народ“, рече таа.

Калас рече дека ЕУ контактира и со земји надвор од блокот за да обезбеди пресретнувачи за Украина, додека во соработка со Киев се работи на развој на европски пресретнувачи.

Таа рече дека министрите најпрво ќе разговараат за Украина, додавајќи дека јули и август биле најсмртоносните месеци за цивилите во земјата.

„Русија навистина ја ескалира ситуацијата со цел што е можно повеќе да го повреди народот на Украина и да го скрши“, рече Калас, додавајќи дека Украинците „стојат цврсто“ и дека им е потребна поддршка.

Блумберг вчера пишуваше дека НАТО и ЕУ вршат притисок врз Шпанија и Грција да ѝ дадат на Украина пресретнувачки ракети за системот Патриот, а таквите барања биле упатени во текот на летото и вклучуваат можност Норвешка да ги купи тие ракети пред да ги донира на Киев.

Шпанија и Грција имаат едни од најголемите залихи на пресретнувачки ракети Патриот меѓу сојузниците на Украина. Исто така, двете земји имаат залихи кои се ближат кон истекот на рокот. Сојузниците се особено заинтересирани за ракетите ПAЦ-2 што ги имаат овие земји.

Грција беше една од првите земји што испрати муниција во Украина откако започна целосната руска инвазија, но се спротивстави на притисокот да донира системи „Патриот“.

Шпанија претходно оваа година објави дека во 2026 година ќе обезбеди воена помош за Украина во вредност од една милијарда евра.

Портпаролот на грчката влада одби да коментира за оваа информација, како и функционер од шпанското Министерство за одбрана.

Министрите за одбрана денеска требаше да разговараат и за вселената, која Калас ја опиша како клучен фактор за одбраната, истакнувајќи ја нејзината цивилна и воена употреба.

„Навистина треба да ги засилиме напорите за да останеме вселенска сила“, рече таа.

Поморската безбедност беше уште една точка на дневниот ред, при што Калас го истакна Ормускиот Теснец и потребата да се почитува слободата на пловидба.

„Дипломатските напори сè уште се во тек, но во моментов нема резултати“, рече таа, додавајќи дека е важно за маршрутите што претходно биле отворени да „нема патарини, ниту такси“.

Министрите требаше да разговараат и за заштитата на критичната подморска инфраструктура и за тоа што дополнително би можело да се направи заеднички.

Калас рече дека ќе разговараат и за можна европска мисија за поддршка на Либанските вооружени сили.

Повеќе
Центар за управување со кризи: 31 пожар на отворено регистрирани до 07:30 часот
Тревога во Германија: Трет сомнителен напад врз електричната мрежа за само седум дена
Владата на Мелони најдолго на власт во историјата на Италија
ЦУК: За првпат ангажиран воздухоплов за гасење пожар надвор од државата
Москва и Пекинг разговараат за проект за снабдување на Кина со руски гас
Путин гледа можност за дипломатско решение за војната во Украина
Туркије го критикува Европскиот парламент за клевета насочена кон Турските вооружени сили
Граничната полиција на БиХ спречи нелегалeн премин на речиси 100 мигранти на границата со Хрватска
Србија го презеде телото на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, денес пристигнува во Белград
Бен-Гвир планира преселување на 1,86 милиони Палестинци од Газа во период од седум години
Oснован Центар за истражувања на Туркије при Меѓународниот балкански универзитет
Мадуро побара од американскиот судија да ги отфрли обвиненијата против негo, се повикува на имунитет
Туркије ги осудува израелските акции во Сирија, Либан и Палестина
Седми смртен случај од западнонилска треска, почина 69-годишен маж
УНИЦЕФ: Секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална злоупотреба овозможена со технологија