| Macedonian
Се здружуваат 21 глобална финансиска институција за лансирање стабилна криптовалута
Планирано е да работи на глобално ниво, а првично да се фокусира на издавање стабилна криптовалута деноминирана во американски долари, која треба да се појави на пазарот во првата половина на 2027 година
Се здружуваат 21 глобална финансиска институција за лансирање стабилна криптовалута
Банк оф Америка е една од десетте финансиски институции од САД кои доминираат во групацијата

Групација од 21 голема глобална финансиска институција, меѓу кои Банк оф Америка, Велс Фарго, Дојче банк и УБС, соопшти дека планира да основа заедничка компанија што ќе го поддржува издавањето стабилни криптовалути.

Компанијата, која сè уште нема име, се очекува да биде основана во втората половина на 2026 година, по завршувањето на потребните постапки, се наведува во заедничкото соопштение објавено вчера.

Планирано е да работи на глобално ниво, а првично да се фокусира на издавање стабилна криптовалута деноминирана во американски долари, која треба да се појави на пазарот во првата половина на 2027 година.

Групацијата има намера подоцна да го прошири проектот со стабилни криптовалути деноминирани во други валути на земјите од Групата седум (Г7), при што понудата деноминирана во евра е посочена како приоритет.

Предложената стабилна криптовалута би можела да се користи на големопродажните, институционалните и малопродажните пазари, вклучително и за прекугранични плаќања и порамнување на трансакции со дигитални средства.

Групацијата соопшти дека проектот ќе се потпира на експертизата на учесниците во областа на усогласеноста со регулативите, управувањето и управувањето со ризици, како и дека, каде што е применливо, ќе биде усогласен со американскиот закон ГЕНИУС и регулаторната рамка на Европската Унија за пазари на криптосредства.

Проектот следува по најавата од октомври 2025 година, кога 10 банки соопштија дека ја разгледуваат можноста за издавање форма на дигитални пари обезбедени со резерви, достапни на јавни блокчејн-мрежи.

Проширената групација ја сочинуваат Банк оф Америка, Капитал Уан, Cити, Фиделити инвестментс, Голдман Сакс, Пи-Eн-Cи фајненшл сервисис, Скотиабанк, Ти-Ди банк груп, Велс Фарго и ВиздомТри од Северна Америка.

Европските учесници се Банко Сантандер, ББВА, Комерцбанк, Кредит Агрикол, Дојче банк, Лојдс банкинг груп, Рабобанк и УБС.

Јапонската МУФГ банк, Сириус интернешнл холдинг со седиште во Абу Даби и јужноафриканската Стандард банк, исто така, учествуваат во проектот.

Стабилните криптовалути се дигитални средства дизајнирани да одржуваат стабилна вредност преку нивно врзување за конвенционални средства, најчесто валути како американскиот долар.

Тие сè повеќе се разгледуваат за плаќања и порамнувања бидејќи трансакциите базирани врз блокчејн може да се одвиваат деноноќно и преку границите.


Повеќе
Центар за управување со кризи: 31 пожар на отворено регистрирани до 07:30 часот
Тревога во Германија: Трет сомнителен напад врз електричната мрежа за само седум дена
Владата на Мелони најдолго на власт во историјата на Италија
ЦУК: За првпат ангажиран воздухоплов за гасење пожар надвор од државата
Москва и Пекинг разговараат за проект за снабдување на Кина со руски гас
Путин гледа можност за дипломатско решение за војната во Украина
Туркије го критикува Европскиот парламент за клевета насочена кон Турските вооружени сили
Граничната полиција на БиХ спречи нелегалeн премин на речиси 100 мигранти на границата со Хрватска
Србија го презеде телото на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, денес пристигнува во Белград
Бен-Гвир планира преселување на 1,86 милиони Палестинци од Газа во период од седум години
Oснован Центар за истражувања на Туркије при Меѓународниот балкански универзитет
Мадуро побара од американскиот судија да ги отфрли обвиненијата против негo, се повикува на имунитет
Туркије ги осудува израелските акции во Сирија, Либан и Палестина
Седми смртен случај од западнонилска треска, почина 69-годишен маж
УНИЦЕФ: Секое петто дете во 21 земја доживеало сексуална злоупотреба овозможена со технологија