Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека армијата поминува низ процес на технолошка трансформација, а дополнитело се развива и таканаречена дигитална армија.
„Не може без војници и без човечкиот фактор. Но, дали се стремиме луѓето да бидат што е можно помалку изложени на ризик? Да, секако, и тоа е иднината“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека новите системи овозможуваат дигитален пренос на податоци за целите до артилериските и ракетните единици, со што се скратува времето меѓу откривањето на целта и нејзиното дејство.
Вучиќ го спомена и првото јавно прикажување на израелскиот ракетен систем „Елбит ПУЛС“, истакнувајќи дека тој е способен да дејствува врз цели на оддалеченост до 300 километри.
Зборувајќи за повторното воведување на задолжителниот воен рок, Вучиќ изјави дека државата, Министерството за одбрана и Вооружените сили на Србија се подготвени новиот систем да стапи во функција во март 2027 година.
„Воениот рок ќе трае 75 дена. Тоа е краток период, но ќе значи многу за поттикнување на чувството за одговорност, сериозност и посветеност“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на безбедносната ситуација на Косово, Вучиќ изјави дека очекува КФОР да ја исполни својата обврска и да го заштити населението пред изрекувањето на пресудата за поранешното воено и политичко раководство на Косово, предводено од Хашим Тачи.






















