Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес ги нарече заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да нападнат инфраструктурни објекти во Иран „знак на очај“.
Пезешкијан рече дека заканите за напад врз инфраструктурни објекти, вклучувајќи ги транспортните и електричните мрежи, не покажуваат сила, туку, како што изјави, „знак на очај пред волјата на една нација“, осврнувајќи се на Иранците, објави Прес ТВ.
„Иран, потпирајќи се на знаењето и способностите на своите експерти, националното единство и солидарност, силно ќе се спротивстави на секој притисок или закана“, рече Пезешкијан.
Трамп денес објави дека САД „многу силно ќе го нападнат Иран“, наведувајќи дека американските сили веќе извршиле напади и ќе продолжат да напаѓаат.
„Иран предолго ги одложува мировните преговори за ставање крај на непријателствата со Вашингтон, па Техеран сега ќе мора да ја плати цената“, изјави американскиот претседател.
Кога новинарите во Овалната соба го прашаа дали ова значи продолжување на бомбардирањето, Трамп ја потврди можноста за понатамошни напади.
Тој рече дека одлуката е заснована на инцидентot во кој Иран наводно соборил американски хеликоптер „Апачи“ покрај брегот на Оман со помош на дрон.
Трамп го повтори својот став дека Иран треба да потпише договор кој, според него, ќе го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје.
Трамп во вторникот изјави дека иранската војска нападнала и соборила хеликоптер „Апачи“ на американската армија во близина на Ормутскиот теснец, по што Централната команда на САД објави дека започнала нови, одмазднички напади врз Иран.
Како одговор, Иран ја нападна Петтата флота на САД во Бахреин со беспилотни летала, како и американските бази во Кувајт и Јордан.

















