Илија Најдоски – Од Крушево преку Скопје и Белград до европскиот и светскиот фудбалски врв
Најдоски беше дел од шампионската генерација на Вардар во поранешна Југославија, а со Црвена Звезда ја освои европската и светската клупска титула
Бескомпромисен борец за кого немаше загубена топка. Овој епитет го красеа за време на целата кариера. Еден од најдобрите македонски фудбалери Илија Најдоски за ТРТ Балкан зборува за почетоците, првите професионални ангажмани, бројните успеси, шампионската генерација на Вардар, европската и светската титула со Црвена Звезда и очекувањата за македонскиот клупски и репрезентативен фудбал. Екс македонскиот репрезентативец сега е на позиција советник на претседателот на Фудбалската федерација.
За почетоците во Крушево и настапите за Победа и Вардар
Фудбалската кариера ја започна во локален клуб во родниот крај од каде замина во прилепска Победа. Цврстиот карактер му помогнал да опстане на трнливиот пат како професионалец.
„Јас сум роден Крушевчанец и на 15 години веќе добив покана од Победа Прилеп да бидам член на подмладокот, на младиот тим. Но имав несреќа тогаш, патот новиот го правеа за Прилеп така да немав никаков превоз. Така што во јули и август веќе два месеци одев на тренинг пешки. До првото село Кривогаштани, на тренинг Прилеп, назад за Кривогаштани и пак десет километри, јули и август со 40 степени”, вели Најдоски.
Во 1984 преминува во најтрофејниот македонски клуб Вардар со кој го освои и југословенското првенство три години потоа и настапи на европска сцена против Порто.
„Сон за секој играч тогаш беше, врвот кога играте за Победа, Пелистер, Тетекс, Брегалница, Беласица да еден ден заиграте за Вардар. Да се биде првак на Југославија, во тоа време да ги разбиеш Звезда, Партизан ... големата четворка, не беше лесно. Секогаш сме имале полни трибини бидејќи навивачите на Вардар и Македонија знаеја да ценат квалитет и знаеја дека кога ќе дојдат на натпревар ќе гледаат прав машки фудбал и без респект кон секоја екипа”вели поранешниот фудбалер.
Црвена Звезда и европската и светската титула
Следна станица, Белград и Црвена Звезда. Следуваат најголемите успеси. Пред се титулата европски првак во 1991 во Бари против Олимпик Марсеј.
„Врвот беше Бари иако според мене не одигравме по квалитет како претходните натревари. (9:23-9:33) Бари беше специфичен натпревар. Марсеј според мене тогаш беше најдобар клуб во Европа и финансиски и играчки. (10:12-10:22) Тука тактиката одигра многу голема улога. Тактички одигравме и ние и Олимпик Марсеј. За среќа на крајот ги добивме на пенали и станавме европски прваци”, се присетува Најдоски.
Во Токио ја освои и светската клупска титула во натпревар против Коло Коло. Како капитен го подигна и победничкиот пехар. Ниту тешката повреда на мускулот не го спречила да настапи.
„Го одиграв тој натпревар на ризик мој, можев и кариерата тука да ја завршам, но пак ќе кажам ако работиш чесно поштено “оној од горе” ми помогна да јас го подигнам пехарот. И за век и векови ќе остане дека јас како светски првак сум го подигнал тој пехар со Црвена Звезда”, рече Најдоски.
Тој настапуваше и за македонската фудбалска репрезентација. Играше на првиот официјален меч против Словенија и во квалификациите во 1994 година.
Кој играч му претставувал најголем проблем?
Најдоски во кариерата вешто се справуваше со напаѓаите од противничките екипи. Вели дека не може да се сети на фудбалер од оние на европската сцена кој му претставувал проблем, но се сеќава на еден од југословенската лига.
„По мене карактерот на тој играч, за Ален Бокшиќ од Хајдук. Таков карактер, мирен човек. Секогаш со него сум имал проблем. Дали карактерот, добрината на тој играч, однесувањето на терен, не сум можел да го играм она моето како што сакам”, вели Најдоски.
За македонскиот клупски и репрезентативен фудбал
Го прашавме Најдоски и за тоа како ги оценува перспективите на македонскиот клупски и репрезентативен фудбал и за шансите на македонската фудбалска репрезентација во претстојниот бараж против Данска за пласман на светското првенство.
„Перспективите одат во добра насока. Еве на пример добар успех направи Шкендија. После успехот што го направи Вардар во групна фаза еве веќе и Шкендија е во конференциска лига. А што се однесува до баражот, Данска е одлична репрезентација. Квалитетна репрезентација. Но добро рече и претседателот на последната прес-конференција. Кој не верува да не се качува во авион.
Вели дека федерацијата прави се за репрезентативците да имаат соодветни услови за работа.
Верувам во овие играчи. Раководството на федерацијата направи се и ќе направи се да имаат одлични услови, но најважното од нив зависи. И имаат услови со новото раководство со претседателот Масар Омерагиќ така да се зависи од играчите. Јас верувам. Сум оптимист. И тоа секогаш ме красело. Да гледам напред. Треба да ја почитуваш секоја репрезентација, но треба да се почитуваш сам себе. Ако не се почитуваш сам нема ниту тие да те почитуваат. Најмногу сакам овој период играчите да бидат стандардни во своите клубови. И кога ќе дојдат за тој натпревар со Данска да бидат натпреварувачки подготвени.
Најдоски истакнува дека промените во начинот на работа и резултатите на раководството на ФФМ се евидентни.
„За година дена претседателот Масар Омерагиќ што има направено за фудбалот јас мислам дека 30 години од постоење се нема направено”, вели тој.
Да се надминат суетите
Околу актуелните случувања на тема нов селектор Најдоски смета дека треба да се надминат суетите и да не се гледаат личните интереси.
„Суети имало и ќе има. Но клуб е друго. Кога станува збор за репрезентацијата веќе не треба да има ниту суети. Тука треба да бидеме сплотени сите во интерес на препрезентацијата и на државата. Бидејќи чест и задоволство е да се игра за репрезентација, да се работи за репрезентација и да се претставува репрезентацијата во Европа и светот” истакнува тој.