Зеленски е во Лондон за засилување на воената соработка со Велика Британија

Кабинетот на британскиот премиер најави средба меѓу Стармер и украинскиот претседател, наведувајќи дека посетата доаѓа во време кога се очекува двајцата да се согласат за „засилена безбедносна и одбранбена индустриска соработка“

By
Зеленски е во Лондон за засилување на воената соработка со Велика Британија / Reuters

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја посети Велика Британија каде се сретна со британскиот премиер Кир Стармер и кралот Чарлс Трети, за продлабочување на воената соработка.

„Претседателот пристигна во Лондон”, изјави Серхи Никифоров, портпарол на претседателот, за украинските медиуми, меѓу кои и државната новинска агенција Укринформ, наведувајќи дека Зеленски прво се сретна со кралот Чарлс Трети во Бакингемската палата, а потоа со Стармер во резиденцијата на Даунинг стрит 10.

Зеленски им се обрати и на членовите на британскиот Парламент и потоа ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Кабинетот на британскиот премиер за средбата меѓу Стармер и украинскиот претседател, најави дека посетата доаѓа во време кога се очекува двајцата да се согласат за „засилена безбедносна и одбранбена индустриска соработка“.

Во соопштението се наведува дека договорот ќе ги искористи „експертизата на Украина и индустриската база на Обединетото Кралство за производство и снабдување со беспилотни летала и иновативни капацитети“, при што двете земји, исто така, ги истражуваат можностите за зголемена соработка со трети земји.

„Обединетото Кралство, исто така, ќе финансира нов Центар за извонредност за вештачка интелигенција што ќе биде во рамките на украинското Министерство за одбрана. Овој тим од експерти, поддржан со 500.000 фунти, ќе осигури дека вештачката интелигенција се користи во полн потенцијал за да се обезбеди предност на бојното поле“, се истакнува во соопштението.

Во соопштението се наведува и дека Стармер го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на Даунинг стрит како дел од посетата.

„Тројцата лидери разговараа за напорите за обезбедување праведен и траен мир за Украина, напредокот на 'Коалицијата на волните' во случај на прекин на огнот, како и за потребата за одржување на притисокот врз Русија преку санкции“, се додава во соопштението.