Бугарија сѐ поблиску до предвремени избори: И коалицијата ПП-ДБ го врати мандатот за состав на Влада
Според Надежда Јорданова од ПП-ДБ, одлуката да го вратат мандатот како неисполнет е мотивирана од фактот дека во 51. Народно собрание не постои можност за формирање реформистичко мнозинство
Можноста за предвремени избори во Бугарија се зголемува откако реформистичката парламентарна коалиција Продолжуваме со промената- Демократска Бугарија (ПП-ДБ) денеска го врати мандатот за состав на влада, и тоа веднаш откога го доби од претседателот на државата, Румен Радев.
Според Надежда Јорданова од ПП-ДБ, одлуката да го вратат мандатот како неисполнет е мотивирана од фактот дека во 51. Народно собрание не постои можност за формирање реформистичко мнозинство кое би го разградило моделот на освоена држава.
„Стотици луѓе на улиците рекоа дека сакаат фер избори, и тоа веднаш. И токму сега ова е централното прашање-да се обезбеди транспарентен, фер и слободен изборен процес. Најдобрите избори беа кога Бугарите гласаа 100 отсто со машина, а ние инсистираме оваа постапка да се врати. Длабоко сме загрижени од обидите на мнозинството, кое си заминува, да ја замени волјата на Бугарите и брзо и во темнина да ги наметне таканаречените уреди за скенирање, кои се подготвуваат во Правниот комитет. Ќе се спротивставиме на овој обид да се замени гласот на граѓаните. И ги повикуваме граѓаните денес во 18 часот да излезат на Плоштадот на независноста и да ја искажат својата волја против овие промени“, рече Јорданова, пишува БГНЕС.
Според претседателот Радев, со ова одбивање да се формира влада, опциите во 51. парламент се значително стеснети. Тој вели дека главното прашање не е кога, туку какви ќе бидат изборите.
„Очекувам лидерите на политичките партии да не ми кажат кога ќе бидат изборите, туку да се запознаат со одлуката на Уставниот суд од 13 март оваа година, која опишува само дел од скандалите на последните парламентарни избори. Очекувам политичарите да го сторат тоа за да се зголеми довербата на луѓето во изборите и да ги преземат потребните законски измени“, рече Радев.
Од коалицијата ПП-ДБ уште минатата недела најавија дека нема да прават обиди за формирање влада и дека ќе го вратат мандатот во моментот на добивањето.
Претходно неделава, и Росен Жељазков, како кандидат за премиер од ГЕРБ-СДС, исто така веднаш го врати неисполнет првиот мандат по неговото примање.
По враќањето на мандатот, Жељазков посочи дека најсоодветниот датум за избори е 29 март.
Според Уставот на Бугарија, по неуспехот на првиот и вториот мандат, претседателот Радев треба да го додели третиот и последен мандат на една од останатите парламентарни групи, по сопствен избор. Ако и овој обид не резултира со избор на влада, следи назначување службена влада и распишување предвремени парламентарни избори во рок од два месеца- осми за Бугарија во последните четири години.
Коалициската влада на премиерот Жељазков, поддржана од ГЕРБ-СДС, поднесе оставка минатиот месец по протестите против корупцијата и новиот буџет.
Бугарија се приклучи на Еврозоната на 1 јануари, но ѝ е потребна политичка стабилност за да го забрза користењето на средствата од ЕУ и да привлече странски инвестиции.