Трамп: Цела една цивилизација ќе умре вечерва
Цели 47 години изнуда, корупција и смрт конечно ќе завршат, Бог да го благослови големиот ирански народ, се закани Трамп на социјалната мрежа Вистина пред истекот на ултиматумот до Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец
Претседателот на САД, Доналд Трамп, упати досега најостра закана до Иран на социјалната мрежа Вистина (Truth Social) пред истекот на ултиматумот.
„Цела цивилизација ќе умре вечерва и никогаш нема да се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи. Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, доминирана од различни, попаметни и помалку радикализирани луѓе, можеби може да се случи нешто револуционерно и прекрасно, КОЈ ЗНАЕ? Ќе дознаеме вечерва, во еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот. 47 години изнуда, корупција и смрт конечно ќе завршат. Бог да го благослови големиот ирански народ“, напиша Трамп.
Трамп се закани дека ќе ја нападне инфраструктурата, вклучително и цивилните објекти, ако Иран не го исполни својот ултиматум за повторно отворање на Ормускиот теснец, клучен пат за глобална трговија со нафта и гас. Рокот истекува вечерва во 20 часот по американско време, а нема никаков договор на повидок.
Иран, пак, постави 10 услови за разговори за траен мир со САД, вклучувајќи итно прекинување на нападите, гаранции дека тие нема да се повторат и воени репарации.
Техеран отфрла какво било примирје со САД кое би било привремено.
Според предлозите од Техеран, трајниот мировен договор треба да му дозволи на Иран да наплаќа такси за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, кои би варирале во зависност од видот на бродот, неговиот товар и моменталните услови.