| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Сиљановска Давкова-Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ
Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори, изјави претседателката на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини
Сиљановска Давкова-Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ
Таа посочи дека со претседателот Пелегрини разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка / Others

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Братислава порача дека Македонија заслужува да биде третирана рамноправно во процесот на европска интеграција и да биде оценувана исклучиво според Копенхашките критериуми, без идентитетски и културни условувања.

На заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, според соопштението на Кабинетот, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за поддршката што Словачка ѝ ја дава на земјава на патот кон Европската Унија и оцени дека денешните разговори ќе придонесат за натамошно зајакнување на билатералните односи.

„Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја“, истакна претседателката.

Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, таа оцени дека земјата предолго чекори кон Брисел, соочувајќи се со пречки што, како што рече, се спротивни на природата и вредностите на Европската Унија.

„Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што го бараме е да бидеме третирани како сите други и да добиеме можност да се фокусираме на реформите и владеењето на правото, наместо на билатерални прашања што немаат врска со Копенхашките критериуми“, нагласи Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека со претседателот Пелегрини разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка, при што биле нотирани позитивните поместувања во трговската размена, инвестициските активности и контактите меѓу стопанствениците од двете земји.

Како што истакна, дополнителни можности за соработка постојат во областа на енергетиката, иновациите, зелената транзиција, инфраструктурата и туризмот. Како значајни чекори ги издвои одржувањето на Бизнис-форумот во Скопје, првата седница на Заедничката комисија за економска соработка во Братислава и воспоставувањето на авиолинијата Охрид-Братислава.

Во фокус на разговорите биле и образованието, науката и културата.

Сиљановска-Давкова ја поздрави соработката меѓу универзитетите и програмите за студентска размена, нагласувајќи ја важноста на заедничките истражувачки проекти.

Таа посебно го истакна интересот за македонскиот јазик и култура во Словачка, наведувајќи го отворањето на Лекторатот за македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, повторното воведување на наставата по македонски јазик и објавувањето на првиот учебник по македонски јазик за словачки студенти.

„Цврсто верувам во моќта на културната дипломатија. Сите овие податоци сведочат за блискост што ги надминува политичките рамки“, рече претседателката.

На средбата е разговарано и за безбедносните предизвици во Европа и за претстојниот Самит на НАТО.

Сиљановска Давкова истакна дека Македонија, како членка на Алијансата и земја со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, ќе продолжи да придонесува за колективната и регионалната безбедност.

„Интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко туку и безбедносно и стратегиско прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок“, порача Сиљановска-Давкова, изразувајќи уверување дека македонско-словачкото пријателство и соработка ќе добијат нова динамика во наредниот период.

Повеќе
Конфликтот меѓу Иран и САД влегува во фаза на „битка на волји“ поради кревкото примирје
Зошто Ризе се чувствува како друг свет во Туркије
Среде геноцидната војна на Израел, палестинските сестри градат надеж од урнатините на Газа
Под блокада на гориво: Колку долго кубанската влада може да преживее економски притисоци?
Израелската армија ги предупредува жителите на три либански градови да се евакуираат
Иран: Испалилени предупредувачки истрели кон американски разорувачи во Оманското Море
Русија и Украина разменија 185 воени заробеници со посредство на ОАЕ
Мерц во историска посета на Црна Гора на самитот во Тиват
Мицкоски: Процесот на проширување на ЕУ е жив, но нема да го жртвуваме националното достоинство
Фон дер Лајен во Тиват: Црна Гора и Албанија вршат одлична работа на патот кон членството во ЕУ
Германската крајнодесничарска AфД во Москва побара оживување на гасоводот Северен тек
Фидан во Бангладеш: Туркије се залага за трајно решение за прогонетите Рохинџи
Врховниот лидер на Иран одобри помилување за над 2.000 осуденици
Петмина Азербејџанци убиени во напад со беспилотни летала врз товарни бродови во Азовското Море
Германскиот канцелар Мерц во Тиват: ЕУ мора да покаже политичка волја за проширување