Песков: САД ѝ ги предадоа на Русија параметрите на мировниот план финализиран во Женева

Москва навремено ќе го објави точниот датум на пристигнување на претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф, со кого руската страна ќе разговара за деталите од мировниот план.

By
peskov / Reuters

 Вашингтон ѝ ги испрати на Москва параметрите на својот мировен план за Украина, прилагодени по консултациите меѓу САД и Украина во Женева, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Главните параметри се објавени, а следната недела ќе има разговор во Москва“, рече Песков, пренесува ТАСС.

Тој исто така рече дека Москва навремено ќе го објави точниот датум на пристигнување на претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф во Москва, со кого руската страна ќе разговара за деталите од мировниот план.

На 23 ноември во Женева се одржаа преговори меѓу украински, американски и европски претставници за нацрт-мировниот план презентиран од Вашингтон за завршување на војната во Украина.

По преговорите меѓу делегациите на двете земји во Женева, Украина и Соединетите Американски Држави се согласија да продолжат да работат на заеднички предлози за мировен договор.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно објави дека американскиот план може да биде основа за украинско решение.