Околу 235 лица загинаа, а најмалку 4.300 се повредени по двата последователни земјотреси што во средата го погодија северниот брег на Венецуела, изјави венецуелскиот министер за здравство, Карлос Алварадо, во интервју за државната телевизија.
„За жал, примивме околу 235 пациенти кои пристигнаа без витални знаци или починаа додека пристигнуваа во нашите здравствени центри“, рече министерот, како што објави Скај њуз.
Речиси 40.000 луѓе се сметаат за исчезнати, а во моментов се зборува за бројка од околу 37.000 исчезнати.
Се стравува дека бројот на жртви би можел драстично да се зголеми.
Хорхе Родригез, претседател на Националното собрание, изјави дека 138 последователни потреси се регистрирани од првичните земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер доцна во среда.
Тој рече дека оштетени се 346 инфраструктурни локации, вклучувајќи 250 згради и 20 трговски центри, повеќето од нив во државата Ла Гваира. Погодени се и осум болници, што ги принуди властите да ги евакуираат пациентите во други медицински установи.
Венецуелската влада, исто така, објави создавање на посебен фонд од 200 милиони долари за поддршка на итни напори за реконструкција, вклучително и обнова на оштетените домови и болници.
Вршителот на должноста претседател Делси Родригез прогласи национална вонредна состојба по земјотресите.
Локалните медиуми почнаа да известуваат за грабежи во некои тешко погодени области.
Според достапните информации, во градот Ла Гваира, еден од најтешко погодените, десетици луѓе ограбиле неколку продавници и деловни објекти во текот на ноќта.
Според локалните медиуми, луѓето се качувале на покривите на урнати згради и преминувале преку силно оштетени и испукани патишта за да влезат во објектите од кои земале храна, лекови и апарати за домаќинство како што се телевизори, машини за перење и клима уреди.
Поради безбедносната ситуација, властите, според медиумските извештаи, испратиле членови на интервентната полиција во Ла Гваира и главниот град Каракас за да спречат понатамошни немири и грабежи.
САД веќе испратија свои тимови кои треба да помогнат во пребарувањето на урнатините, а помош е најавена од повеќе земји.














