Министерството за трговија и Министерството за правда на САД потврдија во понеделник дека спроведуваат кривична истрага против компанијата за облак Мегаспид (Megaspeed) со седиште во Сингапур поради сомневања за прекршување на контролите за извоз на полупроводници.
„Министерството за правда и Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија, работејќи заедно, целосно ќе го спроведат законот против Мегаспид за какво било криминално однесување што можеби се случило“, рекоа агенциите во заедничка изјава издадена „за да обезбедат факти и да се справат со неточните информации што циркулираат во јавното известување“.
Според официјалната временска рамка, Министерството за трговија ја започнало својата истрага во 2024 година откако открило сомнителна активност поврзана со пренасочување на чипови.
Тоа ги побарало записите за продажба на Нвидиа во мај 2025 година. Нвидиа следниот месец го ставила Мегаспид на интерната листа „забранета продажба“.
Агенти од Бирото за индустрија и безбедност, кое ги надгледуваат контролите на извозот на САД, спровеле инспекција за крајната употреба на самото место во Сингапур, заедно со локалните органи за спроведување на законот и ја интервјуирале тогашната извршна директорка Алис Хуанг. ж
Таа наводно соработувала со кинеската разузнавачка служба и имала љубовна афера со извршниот директор на Нвидиа, Јенсен Хуанг.
Потоа Министерството за правда ја презело водечката улога во кривичната истрага, соопштија агенциите.
Во соопштението, исто така, се бранеше министерот за трговија Хауард Лутник, поради критиките од пратениците и министерот за финансии на САД, Скот Бесент, поради доцнењата во ставањето на Мегаспид на формална црна листа за извоз.
Припишувајќи му ги на Лутник и на државниот обвинител Тод Бланш заслугите за истрагата, одделите рекоа дека властите под администрацијата на Трамп обвиниле 17 лица во шест случаи што вклучуваат „полупроводници во вредност од милијарди долари“.
Тие рекоа дека паричните казни за прекршувања на контролата на извозот се зголемиле за 18 пати во споредба со претходната администрација.
Порано во понеделник, американскиот претседател Доналд Трамп го бранеше претпазливиот пристап на Лутник пред неговата посета на Пекинг и рече дека нема планови да го замени, признавајќи ги различните ставови во рамките на неговата администрација.
„Еден сака да биде пријателски настроен кон Кина, а друг сака да има експлозија со Кина“, рече Трамп.
„Знаете, одиме во Кина, а мислам дека не би сакале да ја навредите Кина токму пред да пристигнете таму“, додаде тој.
Пекинг ги обвинува САД за „економска принуда“
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, го критикуваше овој потег, оценувајќи го како „претерано проширување на концептот за национална безбедност и злоупотреба на мерките за контрола на извозот“.
Американската страна „дури и дрско се меша во нормалната трговска и технолошка соработка на Кина со други земји и неоправдано го попречува развојот на кинеските високотехнолошки индустрии“, изјави Гуо на прес-конференција, опишувајќи го тоа како „типичен чин на економска принуда и екстериторијална јурисдикција“.
Гуо рече дека овој потег им штети на легитимните права и интереси на кинеските компании и ги дестабилизира глобалните индустриски и добавувачки синџири. Тој додаде дека Пекинг ќе „преземе неопходни мерки за цврсто да ги заштити сопствените легитимни права и интереси“.























