Електричните возила што ги изработува Исмаил Мертер, кој има оштетен вид и живее во турскиот град Афјонкарахисар, од материјали набавени од отпади и продавници за резервни делови, се полнат со соларна енергија, а неговото семејство ги користи за секојдневните потреби, пишува Анадолу.
Мертер (40), кој има вродено оштетување на видот, по завршувањето на основното училиште околу пет години работел како механичар за мотоцикли.
Подоцна Мертер работел со својот татко на градилишта, а во 2020 година, во работилницата што ја изградил покрај својот дом, дизајнирал возило на акумулатор од отпадни материјали за болниот внук.
Со текот на времето дополнително ги усовршувал своите вештини, па во наредните години изработил пет електрични возила, меѓу кои и трактор, користејќи делови за мотоцикли што ги набавувал од отпади, акумулатори, автомобилски волани и материјали од продавници за резервни делови.
Мертер, кој во својата околина е познат како „чичко пронаоѓач“, ги полни возилата со електрична енергија добиена од соларните панели поставени во неговата градина, а неговото семејство ги користи за секојдневните потреби.
Мертер, кој повремено добива помош и од својот татко, за Анадолу изјави дека е среќен што успеал да ги претвори во реалност електричните возила за кои сонувал.
Нагласувајќи дека никогаш не се откажал од својот сон, Мертер за возилата што ги изработил за два месеца рече:
„Деловите за овие возила главно ги набавувам од отпади и продавници за нови автомобилски резервни делови. Брзината на нашите возила достигнува околу 25-30 километри на час. Нашите возила обично имаат три брзини за движење напред и една за назад. Сите во семејството може лесно да ги користат нашите возила. Во нив може да се возат две лица. Нашите возила имаат три и четири тркала. Изработив и електричен трактор за обработка на градината. Сепак, не го постигнавме посакуваниот успех со тракторот. Откако го користевме извесно време, го оставивме настрана и сè уште стои таму.“
Мертер истакна дека луѓето се изненадуваат кога ќе дознаат дека има оштетен вид и додаде дека на тој начин им служи како пример на луѓето од својата околина.
Осврнувајќи се на интересот за неговите возила, Мертер рече: „Возилата се користат низ населбата. Има луѓе што сакаат да се возат во нив и да се фотографираат.“
Мертер раскажа дека соларните панели ги поставил пред околу една година.
„Сами ја извршивме дури и монтажата. Сами ги направивме кабелските поврзувања, заштитниот механизам и сè друго. Може бесплатно да ги полниме нашите возила со соларна енергија. Ќе го остварам и мојот сон да изработам кампер. Со текот на времето ќе се појават и различни возила.“
Претседателот на огранокот на Здружението на слепи лица „Алтинокта“ во Афјонкарахисар, Хакан Ердоган, исто така, изјави дека електричните возила изработени од Мертер, член на здружението чиј процент на вид е околу 10 отсто, привлекуваат интерес.
Нагласувајќи дека Мертер со своите возила покажува оти оштетувањето на видот не го спречува да произведува и да ги остварува своите соништа, Ердоган рече:
„Најпрво сонувал да ја зголеми подвижноста на својот внук. Своите соништа ги претворил во проекти и изработил возила. Тој, неговата сопруга и другите членови на семејството може лесно да ги користат овие возила. Дури и ние се возевме во нив.“
Извор: АА






















