Облакодерот Вјесник, еден од симболите на Загреб изгоре во пожар кој избувнал вчера околу 23 часот, од засега неутврдени причини.
Пожарот се проширил вертикално и зафатил неколку ката и покривот, поради што голем број пожарникари беа вклучени во неговото гаснење, соопшти утрово Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот.
„Причината за пожарот сè уште е непозната, а истрагата ќе покаже како се случил. Гасот и електричната енергија се исклучени во зградата за да се спречи понатамошна штета“, соопштија од министерството.
Во гаснењето на пожарот учествуваат 93 пожарникари со 30 возила.
Загрепските пожарникари објавија фотографии од внатрешноста на запалената зграда, а гаснењето сè уште е во тек.
„Добивме дојава за густ црн чад и видливи пламени што излегуваат од зградата Вјесник на неколку ката. По пристигнувањето на местото на интервенцијата, противпожарната бригада започна со гаснење на пожарот на 15. кат. Кратко по почетокот на интервенцијата, пожарот се прошири на сите катови од 5-от нагоре, поради што пожарникарите мораа итно да ја напуштат зградата и да преминат на надворешно гаснење. Надворешното гаснење беше отежнато поради паѓање стакло и делови од конструкцијата од повисоките катови“, велат од Јавната противпожарна служба на градот Загреб.
И градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, исто така, дојде во зградата утрово.
„Постојано се пали на различни катови. Се гаси одвнатре и однадвор. Не е познато која е причината, има некои сомнежи, но истрагата ќе ја утврди. За жал, штетата е целосна. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да видат дали објектот е за рушење или ќе се гради одново“, рече Томашевиќ.
Република Хрватска е косопственик на Деловниот комплекс Вјесник, а делот што беше зафатен од пожарот синоќа се користи за сместување на архивата, додека страничниот дел од Вјесник (т.н. анекс) што Министерството за просторно планирање го користи за работа на службените лица не беше зафатен од пожарот.
Според медиумите, облакодерот веќе 20 години е запоставен, иако во времето на поранешна Југославија во зградата биле сместени редакциите на речиси сите хрватски дневни весници, неделни и месечни магазини и списанија, како и стрипови кои се печатеа во печатницата во Вијесник и се продаваа низ целата поранешна држава.



















