Премиерите на Хрватска и Унгарија, Андреј Пленковиќ и Виктор Орбан, се сретнаа денес во Копенхаген по низата меѓусебни обвинувања во последните денови во врска со транспортот на сурова нафта преку хрватскиот ЈАНАФ.
„На маргините на состанокот во Копенхаген, разговарав со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ја нагласив подготвеноста на Хрватска да снабдува нафта до рафинеријата во Унгарија преку нафтоводот ЈАНАФ. Уште еднаш ја отфрлив тезата дека Хрватска се обидува да профитира од војната во Украина со зголемување на цените на транспортот. Напротив, користејќи ја својата улога како регионален енергетски центар, Хрватска сака да им обезбеди на своите соседи алтернативен пат за снабдување наместо да купува енергија од Русија“, објави Пленковиќ на платформата X.
Тој додаде дека во духот на добрососедските односи, Хрватска сака да ги реши отворените прашања и „се радуваме и на претстојното отворање на последниот дел од автопатот во рамките на коридорот Вц“.
И Орбан во четврток објави дека се сретнал со Андреј Пленковиќ во Копенхаген, каде што се одржува состанокот на Европската политичка заедница.
„Интересот на унгарската влада е да обезбеди најевтини можни извори на енергија за унгарските компании и домаќинства. Хрватска е историски стратешки партнер на Унгарија и Унгарија секогаш ќе ѝ покажува на Хрватска историско почитување што го заслужува. Ние сме посветени на деескалација на тензиите и обезбедување највисоко ниво на меѓусебно почитување“, напиша Орбан на X.
Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, неколку пати ја обвини Хрватска за воено профитерство, бидејќи наводно неправедно ја зголемила цената на транспортот на нафта, додека тврди дека Јадранскиот гасовод (Јанаф) нема капацитет континуирано да ја снабдува Унгарија со потребната количина нафта.






















