Украина ќе мора да плати цена за нападите врз Русија, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков на брифингот во Москва потсети дека рускиот претседател Владимир Путин предупредил на последиците.
„И ова е нешто за што зборуваше претседателот- Украина ќе мора да плати цена за постапките што се случија во изминатите месеци“, рече тој, додавајќи: „Нашите вооружени сили ја продолжуваат специјалната воена операција и систематски ги напаѓаат целите што ги сметаат за соодветни.“
Песков додаде дека меѓу националните интереси на Русија е и осигурувањето на нејзината безбедност, поради што Москва мора да ги спречи, како што рече, плановите објавени во Киев за започнување „разорен напад“ врз Русија.
На прашањето за состојбата со разговорите меѓу Русија и САД за контрола на вооружувањето, Песков рече дека Москва смета оти преговорите треба да продолжат колку што е можно поскоро.
Притоа истакна дека станува збор за исклучително сложено прашање што ќе бара „долги и макотрпни експертски преговори“, што значи дека процесот веројатно ќе потрае.
Во врска со можното учество на Кина, Песков рече дека Пекинг претходно изјавил дека не смета оти учеството е неопходно или возможно бидејќи неговиот нуклеарен арсенал не е споредлив со арсеналите на Русија и САД.
Осврнувајќи се на неодамнешната средба меѓу руските и германските министри за надворешни работи, Песков ја опиша како „позитивен развој“, додавајќи дека би било погрешно од неа да се извлекуваат заклучоци за непосредни промени во билатералните односи.





















