| Macedonian
КУЛТУРА
4 мин читање
Мачкина глава ќе го отвори, Црно злато ќе го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“
Добитници на наградата за животно дело се актерите Атила Клинче и Веби Ќерими, режисерот Сашо Миленковски како и Љубомир Чадиковски, основач на Театарот за деца и младинци и сценограф
Мачкина глава ќе го отвори, Црно злато ќе
го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан
Чернодрински“
„Храбриот нов театар“ е мотото на јубилејното издание на Македонскиот театарски фестивал, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни / Others

Десет претстави во официјална и четири во придружна програма ќе бидат на програмата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни 2026 година. 

Под мотото „Храбриот нов театар“, и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, уметничката директорка на фестивалот и селектор на програмата, Ана Стојаноска денеска на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја соопшти програмата. 

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.

Поради јубилејната година, Собранието избра четворица добитници на наградите за животно дело. Тоа се: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.

По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар, воопшто.

Според Стојановска, да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал. 

„Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст“, рече Стојановска. Таа истакна дека, иако на репертоарите на театрите има македонски драми, сепак, недостига современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас.

„За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани“, рече Стојановска.

Претстави во официјалната селекција се:
„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар-Скопје.
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар-Битола
„Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија-Скопје
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар- Куманово
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар- Скопје.
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар- Скопје
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“, Театар- Штип
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар- Скопје
„Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп
„Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци-Скопје

Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата):

„Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“-Скопје
„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар-Скопје
„Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.

Во рамките на големиот јубилеј, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната со фокус на 60 години фестивал ќе биде отворена за време на отворањето. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.

И годинава фестивалот ќе ја организира Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.

Повеќе
Туркије ги отфрла како „целосно неосновани“ тврдењата за мешање во политиката на Сомалија
Првата дама на Туркије: На Форумот за нула отпад ќе се дискутира за климатските промени
Израелски окупатори го нападнаа гробот на Јосиф во окупираниот Западен Брег под заштита на армијата
Туркије вели дека бирократските подготовки се завршени за директна трговија со Ерменија
Трамп во Кина ги однесе технолошките директори кои летаат со претседателскиот авион
Кина пред самитот со Трамп негодува за воената соработка САД-Тајван
Австралија распоредува напреден авион за надзор над Ормутскиот Теснец
Трамп повторно провоцира дека Венецуела ќе биде 51. американска сојузна држава
Хантавирус: Карантинот се шири, СЗО предупредува дека кризата не е завршена
Стармер одбива да се повлече по првата министерска оставка, а бунтот на лабуристите се продлабочува
Пентагон: Војната на САД против Иран досега чини 29 милијарди долари
Ердоган: Туркије го заштити синџирот на снабдување со храна и покрај глобалните конфликти
МНР му упати демарш на бугарскиот амбасадор поради употреба на терминот „северно-македонски“
Мицкоски на самитот на „Македонија 2025“: Поврзување на државата за поголем економски раст
Иран предупреди дека ќе го збогати ураниумот во оружје во случај на нов американско-израелски напад