Словенија побара истрага од ЕУ за вмешаноста на разузнавачка фирма од Израел
Словенечките власти велат дека четворица оперативци на „Блек кјуб“ вршеле „нелегално набљудување“ и прислушување во земјата
Словенечкиот премиер Роберт Голоб побара од Европската Унија (ЕУ) да ги истражи наводите дека израелската приватна разузнавачка фирма „Блек Кјуб“ се вмешала во изборната кампања во Словенија.
Во писмото пратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Голоб ги опиша пријавените операции како „јасна хибридна закана против Европската Унија и нејзините земји членки“, нагласувајќи дека ваквите активности негативно влијаат врз заедничките европски вредности и политички процеси.
Словенечките власти велат дека четворица оперативци на „Блек кјуб“ вршеле „нелегално набљудување“ и прислушување во земјата.
Тврдењата доаѓаат по објавувањето на снимки во јавноста што наводно поврзуваат личности блиски до Владата на Голоб со корупција.
Наводите се појавија само неколку дена пред изборите закажани за 22 март, каде што актуелниот премиер Голоб се соочува со тесна трка против лидерот на опозицијата, Јанез Јанша.
Голоб апелираше до Европската комисија случајот да биде упатен до механизмот „Европски штит за демократија“, чија примарна цел е борба против странското мешање и дезинформациите во рамките на Унијата.