Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна дека тогашниот шеф на египетското разузнавање го посетил Израел кратко пред нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, откако повеќепати ги отфрли извештаите дека Каиро го предупредил за претстојниот напад, објави вчера израелскиот весник „Хаарец“.
Во интервју за израелскиот „Канал 14“, Нетанјаху потврди дека Абас Камел престојувал во земјата 59 минути, но тврдеше дека не знае со кој израелски функционер се сретнал.
„Сакам да знам со кого се сретнал“, рече Нетанјаху, алудирајќи на „длабоката држава“.
Тој негираше дека се сретнал или разговарал со Камел, наведувајќи дека во тоа време присуствувал на комеморација за израелски војници.
Нетанјаху претходно ги отфрли како „лажни вести“ извештаите дека Камел го предупредил за претстојниот напад на Хамас.
Списанието „Атлантик“ кон крајот на септември објави дека Камел отпатувал во Израел на 26 септември 2023 година, 11 дена пред нападот, за да предупреди дека Хамас подготвува голем напад.
Повикувајќи се на израелски, египетски, арапски, американски и европски функционери запознаени со посетата, списанието објави дека Камел го повикал Израел да му понуди економски отстапки на Хамас за да се избегне судир. Се наведува и дека не е јасно со кој израелски функционер се сретнал.
„Волстрит журнал“ минатиот месец, исто така, објави дека Камел му се јавил на Нетанјаху неколку дена пред нападот, по две претходни египетски предупредувања на кои не било обрнато внимание.
Одделно, „Њујорк тајмс“ во септември објави дека претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, го предупредил Нетанјаху за можен голем напад на Хамас, но израелскиот премиер не го проследил предупредувањето до своите безбедносни раководители.






















