Зеленски: Украина и САД започнаа заедничко производство на дронови пресретнувачи

Тој објасни дека иницијативата има цел да ја зајакне воздушната одбрана на Украина и да ги компензира доцнењата во надворешната воена помош

By
Зеленски: Украина и САД започнаа заедничко производство на дронови пресретнувачи / Reuters

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев започнал со заедничко производство на дронови пресретнувачи со САД, нарекувајќи го овој проект клучен во момент кога земјата се соочува со зголемен финансиски притисок и интензивни борбени дејства, јавува Анадолу.

„Американско-украинско производство, копроизводство“, изјави Зеленски во интервју за телевизијата „Блумберг“ и додаде: „Се надевам дека во иднина ќе имаме уште повеќе вакви проекти.“

Тој објасни дека иницијативата има цел да ја зајакне воздушната одбрана на Украина и да ги компензира доцнењата во надворешната воена помош.

Зеленски исто така упати апел до членките на Европската Унија да ги надминат внатрешните несогласувања околу користењето на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина.

„Се надевам, со божја помош, дека ќе ја добиеме оваа одлука“, рече тој, нагласувајќи дека без пристап до овие средства „ќе мораме да бараме алтернативи – тоа е прашање на нашето преживување.“

Одлуката на ЕУ за тоа дали ќе ги искористи замрзнатите руски средства за да обезбеди кредити во вредност од 140 милијарди евра е одложена до декември.

Зеленски потенцираше дека приходите од овие средства би му овозможиле на Киев да набави дополнителни западни системи за противвоздушна одбрана и да го прошири домашното производство на дронови.

„Немаме дополнителни пари, а ова е начинот – и тоа е праведно“, рече тој.

Зеленски спомена и дека претседателот на САД, Доналд Трамп, контролира „повеќе од пет милијарди долари од руските средства“ во САД и може да испрати „добар сигнал“ до европските партнери доколку прв преземе чекор.

Од друга страна, Русија предупреди на остри одмазднички мерки доколку Европската Унија ги спроведе плановите за префрлање на замрзнатите руски средства во корист на Украина.