Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, денеска го прими германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
Канцеларијата на премиерот објави дека Курти му изразил благодарност на министерот Вадефул за поддршката на Германија за Косово, нагласувајќи дека Германија е постојан партнер на Косово уште пред независноста.
Курти изјави дека Косово е решено и посветено на соработка со Германија за продлабочување на билатералните односи и напредок на патот кон Европската Унија и НАТО. Во оваа прилика, тој нагласи дека Косово заслужува статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија и дека Европската комисија треба што поскоро да достави прашалник за членство.
За време на средбата, тие разговараа и за активната улога, досегашниот придонес и потенцијалот на косовската дијаспора во Германија во зајакнувањето на економската соработка меѓу двете земји преку странски инвестиции и продлабочување на врските меѓу двата народа.
Темите на разговор беа и односите меѓу Косово и Србија и спроведувањето на Основниот договор од Брисел и неговиот анекс.
Курти го подвлече фактот дека повеќе од две години по терористичкиот напад во Бањска, каде што беше убиен наредник од косовската полиција, водачот на оваа терористичка и паравоена група, Милан Радоиќиќ, сè уште слободно шета низ Србија, а официјален Белград одбива да го предаде него и неговата група на Косово, соопшти кабинетот на Курти.
Тој, исто така, му се заблагодари на министерот Вадефул за неговата посета, за континуираната поддршка од Германија и за придонесот на Германија во одржувањето на мирот и безбедноста преку своите војници во мисијата на НАТО во Косово - КФОР.



















