Во Франција денеска почнува судењето против 22 лица, обвинети за убиство и други сериозни кривични дела поврзани со масонска ложа чии членови се обвинети за нарачани убиства.
Седуммина од обвинетите, меѓу кои поранешни разузнавачи, војници и бизнисмени, се соочуваат со доживотен затвор, објавува Франс Прес.
Злосторничко здружување
Обвинетите се товарат за убиство, обид за убиство, тежок напад и злосторничко здружување во име на мафијашка група во рамките на масонската ложа Атанор во париското предградие Путо.
На обвинителната клупа има најмалку четири слободни масони од дваесет членови на таа ложа.
Меѓу другите обвинети се четири офицери на Француската служба за надворешно разузнавање (ДГСE), тројца полицајци, шест директори, еден обезбедувач, еден лекар и еден инженер.
Повеќето од обвинетите, на возраст меѓу 30 и 73 години, немале претходни полициски досиеја.
Водачи на криминалните операции масоните од ложата Атанор
Наводните водачи на криминалните операции се масони од ложата Атанор: Жан-Лук Багур, Фредерик Валјо и Даниел Болје. Доколку бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со доживотен затвор.
Случајот беше отворен по неуспешно убиство по договор во јули 2020 година, кога двајца членови на Францускиот падобрански полк беа уапсени со оружје во близина на домот на бизнис консултантката Мари-Хелен Дини.
За време на испрашувањето, тие рекоа дека веруваат дека од нив било побарано да ја убијат Дини во име на француската држава, под изговор дека работела за израелската шпионска агенција Мосад.
Истражителите ја открија нејзината врска со Багур, бизнис конкурент и 69-годишен почитуван мајстор на ложата Атанор.
Според истрагата, Багур го замолил колегата масон Валјо да организира елиминација на неговиот ривал за надомест од 70 илјади евра.
Валјо, 53-годишен бизнисмен, наводно дејствувал како посредник помеѓу клиентот и одред платеници кои работеле за друг масон од ложата Атанор, Болие, пензиониран агент на внатрешната разузнавачка служба.
Водачот на платениците, Лерој, признал во притвор дека тој и неговите соработници ги извршиле повеќето напади, грабежи и убиства за мафијата од ложата Атанор, вклучувајќи го и убиството на возач на тркачки автомобил, пишува Франс Прес.
Злосторствата ескалирале со текот на времето
Со текот на времето, злосторствата нарачани од масонската мафија ескалирале, од мали одмазднички напади до убиства.
Во случајот со индустриска шпионажа, групата на Лерој наводно нападнала бизнисменка на улица и ѝ го украла компјутерот.
Автомобилот на една од соработничките на Багур се запалил во 2019 година откако таа открила докази за финансиска измама во рамките на компанијата.
Во 2018 година, телото на тркачкиот возач Лоран Пасквал било пронајдено во шума. Според француските медиуми, тој бил погубен затоа што наводно не платил долг кон пријателите на Валјо.
Лерој, кој ја напуштил војската за да стане обезбедувач, им рекол на полицајците дека цело време мислел дека дејствува во име на владата. Тој се пожалил дека Болје го манипулирал и го намамил со идејата да стане информатор за ДГСИ.
„Она што го застрашило мојот клиент бил фактот дека клучните фигури во овој случај - полицајци, поранешни агенти на ДГСИ и слободни масони - се токму луѓето кои треба да дејствуваат за доброто на општеството“, изјави адвокатот на Мари-Хелен Дини, Жан-Вилијам Везине.
„Не е јасно какви информации обвинителството ќе може да добие од Болје, кој се обиде да се самоубие во притвор, што го остави инвалид и со нарушена концентрација,“ рече неговиот адвокат.
Се очекува судењето да трае најмалку три месеци.











