Собранието денеска во рамки на 126. пленарна седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба за уште шест месеци заради можноста за настанување на пореметување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Со одлуката кризната состојба се продолжува до 20 април 2027 година.
Предлогот доаѓа во период кога високите цени на горивата и зависноста од увоз претставуваат сериозен предизвик за граѓаните и стопанството.
Со цел да се ублажат последиците од кризата, Владата го намали ДДВ за дизел од 18 на 10 проценти и ја намали акцизата за горива.
Денеска се очекува и Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за цените на горивата коишто ќе важат во следните седум дена.





















