Министерството за образование и наука денеска го промовираше новиот јавен портал е-наука (e-nauka.mon.gov.mk), кој претставува единствена национална електронска база на податоци за сите истражувачи во земјата.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека порталот овозможува преглед на истражувачите, научно-истражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за нивната работа.
Алатката е поврзана и со глобалните бази Веб оф Саенс (Web of Science), Скопус (Scopus) и Гугл Скулар (Google Scholar), со што се овозможува прикажување на резултати, цитираност и х-индекс.
„Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена“, изјави Јаневска.
Досега на порталот се регистрирале 229 истражувачи, за кои се прикажани податоци за формалното образование, вработувањето, научното звање, установата, научното поле, како и резултатите од глобалните научни бази.
Преку платформата се овозможува и директно поврзување на науката со бизнис-секторот и со јавните институции.
„Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, појасни министерката Јаневска.
Платформата е достапна и за меѓународните универзитети и глобалните истражувачки центри, што според МОН ќе отвори можности за заеднички апликации за грантови и коавторства на научни трудови.
„Повикувам што повеќе истражувачи кои работат во Македонија или пак во странство, а се со македонско потекло, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар Е-Наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена, за вмрежување и нови резултати“, изјави Јаневска.
Јаневска посочи дека средството одвојувано за научно-истражувачка дејност бележи континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година, преку 680 милиони во 2025 година, до 773 милиони денари во овогодишниот буџет. Во тек е реализација и на проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, а за кадарот е обезбеден и бесплатен пристап до базите Веб оф Саенс и Скопус .






















