Британските пратеници го отфрлија предлогот за забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години

Забраната, сепак, би можела да се спроведе во иднина откако Долниот дом ја овласти државната секретарка за наука и технологија да ги ограничи или да им забрани на децата од одредена возраст да пристапуваат до социјалните медиуми и чет-ботови

By
Поборниците на забраната, по примерот на Австралија, сметаат дека родителите се во невозможна позиција поради штетата на која се изложени децата / Reuters

Пратениците во британскиот парламент го отфрлија предлогот за забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години.

Предлогот за ограничување на старосната граница беше поддржан од многумина во јавноста претходно оваа година по сè посилните повици од бројни активисти, вклучувајќи го и актерот Хју Грант.

Сите оние кои се за забраната, по примерот на Австралија, веруваат дека родителите на тинејџерите се во „невозможна позиција“ поради онлајн штетата на која се изложени нивните деца.

Други, пак, вклучувајќи ги и членовите на Националното друштво за спречување на суровост кон децата, предупредија дека забраната може да резултира со тоа тинејџерите да бидат „турнати“ во нерегулираните агли на интернетот.

Против предложениот амандман на Законот за благосостојба на децата и училиштата, кој го предложи поранешниот конзервативен министер Џон Неш, гласаа173 пратеници, а „ЗА“ гласаа 134 од вкупно 307 пратеници.

Но забраната, сепак, би можела да се спроведе во иднина откако Долниот дом го поддржа барањето на владата да му се дадат дополнителни овластувања на државниот секретар за наука, иновации и технологија, Лиз Кендал.

Според амандманот што беше воведен наместо предложениот, Лиз Кендал би можела „да ги ограничи или да им забрани на децата од одредена возраст да пристапуваат до услугите на социјалните медиуми и чет-ботовите“.

„Кендал, исто така, би можела да го ограничи користењето на виртуелни приватни мрежи (ВПН) од страна на децата и пристапот до функции што предизвикуваат зависност и да ја промени возраста за дигитална согласност во Велика Британија“, изјави министерката за образование Оливија Бејли пред пратениците.

Неш го нарече гласањето во Долниот дом „длабоко разочарувачки“, ветувајќи дека ќе направи „сè што е можно“ за да го оживее предлогот во Горниот дом.

И додека пратениците ги разгледуваат промените предложени од Горниот дом, Бејли рече:

„Многу родители и членови на кампањата повикаа на целосна забрана на социјалните медиуми за лица под 16 години. Други, вклучително и детски добротворни организации, предупредија дека општата забрана би можела да ги насочи децата кон помалку регулирани делови од интернетот или да ги остави тинејџерите неподготвени кога ќе почнат да го користат интернетот“.

Затоа, владата минатата недела почна консултации за да собере мислења што ќе помогнат во обликувањето на идните чекори за да обезбедат децата да растат со побезбеден, поздрав и побогат однос со онлајн светот.

На консултациите ќе се дискутира дали платформите на социјалните медиуми треба да постават минимална возраст за употреба и дали платформите треба да ги исклучат функциите што создаваат зависност, како што е автоматска репродукција.