Иранската револуционерна гарда денес соопшти дека два нафтени танкера и еден теглен брод се запалиле во одделни инциденти во Ормускиот теснец, откако пловните објекти се обиделе да користат, како што наведоа, неовластена рута.
Во соопштението, пренесено од официјалната новинска агенција ИРНА, Револуционерната гарда наведува дека голем нафтен танкер удрил во мина во средата навечер, обидувајќи се да помине низ „неовластена рута“ јужно од теснецот.
Танкерот се запалил и застанал, се вели во соопштението.
Во друг инцидент, уште еден супертанкер се запалил додека ја напуштал рутата во источниот дел на теснецот.
Теглен брод, кој се приближил за да помогне во гаснењето на пожарот, исто така се запалил, се додава во соопштението.
Револуционерната гарда исто така изјави дека единицата за електронско војување на нејзината морнарица „презела контрола над две летала од типот ’Лукас‘“, опишувајќи ги како „натрапници“.
Револуционерната гарда тврди дека нејзината морнарица продолжува да ја одржува контролата врз Ормускиот теснец.
Тие, исто така, ги обвинија САД дека „ги охрабруваат бродовите да ги прекршат ограничувањата и да поминат низ минирана рута“, додавајќи дека штетата што ќе настане „ќе наметне високи трошоци за осигурување за американските даночни обврзници и регионалните сојузници“.
Револуционерната гарда предупреди дека обидите за прекршување на правилата што го регулираат поминувањето низ теснецот „ќе доведат до дополнителни финансиски загуби и политички неуспеси за Вашингтон“.
Ормускиот теснец, кој се наоѓа меѓу Иран и Оман, е една од стратешки најважните поморски рути во светот, преку која се транспортираат значителни количества нафта и гас од земјите од Заливот кон меѓународните пазари.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, а во април беше постигнат прекин на огнот.
Судирите меѓу Вашингтон и Техеран продолжија во јули, во услови кога дипломатските напори за ставање крај на војната се во застој.



















