Иран: Одлуката на ЕУ да ја означи ИРГК за терористичка група е нелегална и политички мотивирана
Министрите за надворешни работи на Европската Унија, претходно денеска усвоија нови санкции против Иран, насочени кон поединци и субјекти вклучени во насилното задушување на демонстрациите и пружање поддршка на Русија
Министерството за надворешни работи на Иран денес оцени дека одлуката на Европската Унија да воведе санкции врз Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГК) и да го означи како „терористичка организација“ е нелегална и политички мотивирана.
Во соопштението, објавено од Ал Џезира, се наведува дека ИРГК е „формална и правна институција“ која, во согласност со уставот на Исламската Република Иран, има клучна улога во заштитата на националниот суверенитет, националната безбедност и територијалниот интегритет, како и во борбата против тероризмот.
Иранското министерство ја обвини ЕУ дека се усогласува со она што го опиша како „ционистички“ и „американски военоподбуцнувачки агенди“, игнорирајќи ја сопствената посветеност на владеењето на правото и мултилатерализмот.
Во исто време, претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Галибаф, рече дека Иранската револуционерна гарда е една од најсилните и најефикасните сили во борбата против тероризмот во светот.
Галибаф рече дека богатата историја на ИРГК во борбата против „тероризмот на ДАЕШ“ не може да ја оспори никој освен, како што изјави, оние кои застанаа на страната на самите терористи.
Тој предупреди дека, според него, „поддршката на тероризмот“ само ќе им донесе жалење на европските земји.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија се согласија да го додадат Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГК) на списокот на терористички организации, објави денес шефот за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Порано денес, министрите за надворешни работи на Европската Унија усвоија нови санкции против Иран, насочени кон поединци и субјекти вклучени во насилното задушување на демонстрациите и пружање поддршка на Русија.
Со воведување санкции врз ИРГК, ЕУ ја стави таа гарда на истата листа како и терористичката организација Ал Каеда.