Зеленски во Париз на средба со Макрон
Како што објави администрацијата на Макрон, тие ќе разговараат за ситуацијата на фронтот и условите за „праведен и траен мир“, врз основа на преговорите од Женева и американскиот план, како и за тесна координација со европските партнери
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а разговорите ќе се фокусираат на ситуацијата на фронтот и условите за „праведен и траен мир“.
Зеленски ќе биде пречекан од Макрон во дворот на Елисејската палата, по што двајцата лидери ќе се обратат на медиумите и ќе одржат билатерална средба, објавија француските медиуми.
Како што објави француската претседателска администрација, тие ќе разговараат за ситуацијата на фронтот и условите за „праведен и траен мир“, врз основа на преговорите од Женева и американскиот план, како и за тесна координација со европските партнери.
Исто така, ќе се разговара за напредокот во рамките на „коалицијата на оние што се подготвени“ за обезбедување безбедносни гаранции за Украина.
По средбата во Елисејската палата, како што е најавено, Зеленски и првата дама на Украина Олена Зеленска ќе им се придружат на Емануел и првата дама на Франција Брижит Макрон на работен ручек.
Потоа тој ќе се придружи на настаните во француското Министерство за надворешни работи, во присуство на францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро и француската министерка за култура Рашида Дати.
Зеленски последен пат беше во Париз на 17 ноември.