Ројтерс: Преговори меѓу Либан и Израел во Вашингтон во четврток
Либанскиот претседател Џозеф Аун изјави дека е подготвен да преговара со Израел за да го спаси Либан, нагласувајќи дека разговорите се одвоени од другите дипломатски процеси
Израелската и либанската делегација ќе одржат втора рунда преговори во Вашингтон во четврток за да се стави крај на конфликтот меѓу двете земји, објави денес Ројтерс, повикувајќи се на неименуван израелски извор.
Израел ќе биде претставуван од амбасадорот на земјата во САД, Џехиел Лајтер, рече изворот, но не прецизираше кој ќе ја претставува либанската страна.
Разговорите во Вашингтон ќе бидат првите разговори меѓу Израел и Либан од почетокот на 10-дневниот прекин на огнот што стапи на сила минатиот четврток.
Претходно денес, либанскиот претседател Џозеф Аун изјави дека е подготвен да преговара со Израел за да го спаси Либан, нагласувајќи дека разговорите се одвоени од другите дипломатски процеси и го назначи поранешниот амбасадор во Вашингтон, Симон Карам, за шеф на преговарачкиот тим на Либан.
Тој нагласи дека нема да има промени во составот на делегацијата.
Израелската армија денес ги предупреди жителите на Јужен Либан да избегнуваат движење во близина на пограничните области и одредени села, повикувајќи се на тековните воени активности и покрај привремениот прекин на огнот.
Од 2 март Израел спроведува офанзива врз Либан во која, според либанските власти, досега загинаа околу 2.300 луѓе, повредени се повеќе од 7.500, а над еден милион луѓе се раселени.