Литванскиот претседател Гитанас Науседа вчера ги обелодени плановите за воведување универзален воен рок во 2032 година, објави јавниот радиодифузен сервис ЛРТ.
Овој потег ќе го зголеми бројот на млади лица што ќе бидат обврзани да служат во војската, во услови на зголемена загриженост за безбедноста, изјави Науседа пред новинарите.
Се очекува годишниот број млади лица повикани на воена служба да се зголеми од сегашните над 5.000 на околу 7.500 со воведувањето на универзалниот воен рок, земајќи ги предвид демографските трендови и медицинските ослободувања, истакна претседателот.
Според наводите, Науседа рекол дека определувањето на 2032 година како целен рок ќе ѝ овозможи на Литванија доволно време да ги прошири сместувачките капацитети за регрутите и да го обучи потребниот број инструктори.
Тој додаде дека жените и понатаму ќе имаат можност доброволно да служат во вооружените сили.
Премиерот Миндаугас Синкевичиус изјави дека Владата првично сакала да го воведе универзалниот воен рок порано, но се согласила да ја одложи транзицијата до 2032 година по препораките на војската.
„Може да се каже дека постои политичка волја, но истовремено се поставува прашањето за подготвеноста на војската. Војската јасно соопшти дека ќе биде подготвена до 2032 година“, изјави Синкевичиус пред новинарите по состанокот на Државниот совет за одбрана.
Тој додаде дека подготовките ќе опфатат обука на околу 300 инструктори и изградба на соодветни сместувачки капацитети за регрутите.



























