Сиљановска-Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2025 година

Претседателката Сиљановска-Давкова укажа на „потребата евалуацијата да биде заснована врз Копенхагенските критериуми, а не врз политичките услови со коишто се соочуваме две децении.“

By
Сиљановска-Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2025 година / TRT Balkan

Претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2025 година.

Како што соопшти кабинетот на претседателката, амбасадорот Рокас ги нотираше главните проблеми со коишто се соочува земјата, како и очекуваните промени.

„Соговорниците констатираа недостаток на прогрес во владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и судството, истакнувајќи ја потребата од максимални напори за реформи во овие области“, се вели во соопштението.

На средбата беа поздравени позитивните резултати во рамките на Планот за раст, реформата на јавната администрација, како и успесите во Кластерите 3,4,5 и 6.

Сиљановска-Давкова имаше забелешки на дел од констатациите во Извештајот коишто се однесуваат на Кластерот 1. Таа, исто така, укажа на „потребата евалуацијата да биде заснована врз Копенхагенските критериуми, а не врз политичките услови со коишто се соочуваме две децении.“

За амбасадорот Рокас, сегашниот момент е најдобриот за храбри и одлучни чекори во реформите, заради отворено изразената волја на лидерите на ЕУ за поддршка и помош на македонската евроинтеграција.